Мик Џегер најави нова турнеја на „Ролинг стоунс“ во 2027 година
Музичарот Мик Џегер во своето најново интервју изјави дека едвај чека повторно да се врати на турнеја со легендарниот рок-бенд „Ролинг стоунс“, со што дополнително ги поттикна гласините за можно враќање на групата во блиска иднина.
Легендарниот британски состав во моментов се подготвува за објавување на својот 25-ти албум „Странски јазици“ („Foreign Tongues“). Албумот ќе биде издаден на 10 јули во продукција на „Полидор Јуниверзал мјузик“ (Polydor и Universal Music). Неколку големи музички имиња ќе бидат дел од новиот носач на звук како Пол Макартни, Роберт Смит, Стив Винвуд, како и покојниот тапанар на бендот Чарли Вотс. Иако излегувањето на новиот албум се очекува наскоро, „Ролинг стоунс“ засега немаат закажано турнеја за негова промоција. Џегер неодамна навести дека бендот би можел повторно да тргне на турнеја во текот на 2027 година.
– Би сакал да одам на турнеја, едвај чекам. Меѓутоа, обожавателите не треба да очекуваат ненадејна најава во блиска иднина, изјави Џегер. Не верувам дека тоа ќе се случи оваа година, но се надевам дека ќе биде што е можно поскоро“, додаде тој во емисијата „Песни од моите години“ (Tracks of My Years), на Би-би-си
Новиот албум „Странски јазици“ ги содржи веќе објавените песни „Грубо и искривено“ и „Во ѕвездите“ („Rough And Twisted“ и „In The Stars“). Ќе има обработка и на познатата песна „Знаеш дека не сум добра“ („You Know I’m No Good“) од покојната британска пејачка Ејми Вајнхаус.