Мицкоски за Левица: Ве гледаат во очи и ве лажат


Христијан Мицкоски за време на посетата на Неготино

 

„Замислете да им дадете можност да управуваат со институции. Замислете да им дадете можност тие да одлучуваат за вашата иднина. Кога тие во очи ве гледаат и ве лажат, а зад завеса прават нешто сосема друго“.

Вака денеска од Неготино премиерот Христијан Мицкоски ги оквалификува пратениците на Левица и лидерот на партијата Димитар Апасиев поради тоа што поднесоа 3.500 амандмани на Изборниот законик.  

„Јас би сакал да кажам дека политичката партија СДСМ во коалиција со политичката партија Левица, поднесоа 13.000 амандмани, со цел да го спречат гласањето на нашинците во дијаспората, плашејќи се дека ја немаат довербата на нашинците од дијаспората. И ова е силна порака кон нашинците во дијаспората“.

Тој го обвини СДСМ и неговата влада дека натерале голем број македонски државјани да ја напуштат државата „со својата катастрофа и катаклизма“ и оцени дека социјалдемократите и Левица биле во коалиција затоа што поднесле 13.000 амандмани за да го спречат усвојувањето на Изборниот законик.

Но неговите напади беа особено насочени кон Левица, велејќи дека бил на одреден начин неблагодарни, бидејќи тие (ВМРО-ДПМНЕ) им прифатиле сѐ што ќе побарале во расправите за Изборниот законик.

„И сѐ беше готово, сѐ беше завршено, сѐ беше усогласено кога станува збор за Изборниот законик. Во последен момент политичката партија Левица, одби да го потпише поднесувањето на Изборниот законик којшто тие го предлагаа, ние им прифаќавме сѐ што сакаа. Вклучително и парите за финансирање на кампања, нешто што им беше најбитно, да имаат повеќе пари за финансирање на кампања. Сѐ им прифативме и на крај рекоа не“, рече тој и ѝ понуди на опозицијата да го изгласаат законот за тие нема да правеле филибастеринг со амандмани.

Мицкоски потврди дека црвената линија за партијата е електоронското гласање на дијаспората за да се чувствува поврзана со својата татковина и дека СДСМ и Левица ќе се „осмелат“ да излезат од „своето политичко мочуриште“.

Претходно денеска Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи реагира дека на лидерската средба во фокус била темата за воведување на една изборна единица, а не електронското гласање на дијаспората, кое според него подоцна се појавило како клучно прашање и „црвена линија“ на ВМРО-ДПМНЕ.

„Чекај малце премиере… На лидерската средба зборевме за една изборна единица, а не за електронско гласање на дијаспората!? Кај испари тој муабет или важи само за мачкање очи пред камери?”, напиша Апасиев.