Мицкоски плаши: Греењето во Скопје ќе поскапи над 200 проценти


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, само што заврши со една кампања, ја почна следната. денес во Кисела Вода тој промовираше изградба на фекална канализација, со која по неколку децении ќе се обезбедат 200 приклучоци за ќителите на една улица и која ќе биде долга од  1.100 метри.

-Продолжуваме со проектите, сакаме да покажеме дека Македонија можела поинаку. Народот на Македонија заслужува проекти, заслужува напредок, заслужува вистински прогрес, не оној полумафијашки прогрес кој што го гледаме од страната на Владата во заминување предводена од СДСМ и ДУИ, порача триумфално Мицкоски.

Тој порача дека нема да кука колку е лоша состојбата, бидејќи сите сме знаеле дека е  катастрофална.

-Ајде луѓе да ги засукаме ракавите и да работиме, ако било лесно немало да бидеме ние, ќе биле некои други, порача Мицкоски, како да ќе гради вселенска станица.

Тој наедно даде оценка и за политичката ситуација порачувајќи дека „владата сигурно ќе замине, и тоа треба да се случи на избори кои ќе се случат час поскоро“.

-Апелирам да се соземат и да разберат дека се поразени, да има избори и да дојде народна влада. Вистинска прогресивна влада. Сега имаме 60 пратеници на опозицијата, 59 на власта и еден кој не знам каде е, рече Мицкоски.

Според него во услови на криза треба лидерска средба, но се запраша за што би се разговарало сега на таква средба.

-За мене од овој пратеник што читаше од лист со бела позадина, поголем срам е што пратениците се бојкотираа сами себе. Замислете каква дрскост, не им дозволија да бидат дел од процедурата, од парламентот. Тие се избрани од народот и треба да работат за народот, заклучи Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и така ќе делува, односно нема да прави опструкции на буџетот од кој пензионерите земаат пензии, а други земаат плата.

-Имаме повеќе од 22 амандмани и очекуваме да бидат прифатени од оваа власт во заминување. Треба да ги поддржат затоа што се за народот кој сака подобар живот, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како се справува владата со енергетската криза тој оцени дека државата е клекната на колена и дека очекува да биде доведено под прашалник и централното затоплување на Град Скопје за кое очекува дека ќе поскапи од јануари.

-Според моите информации  повлекле 4 милијарди денари од државните резерви, а 65 милиони евра ги поделиле по енергетските компании. Понатаму имам информација дека не можат ни плата да земаат во сегашно ЕСМ…Сега има нов тендер, за два дена ќе увезуваат електрична енергија и таа  ќе не чини нови милион и пол евра за еден ден. И така секој ден ќе си набавуваат електрична енергија, а тоа ќе го плаќаат граѓаните. Добивам информации дека и централното затоплување на Скопје е доведено под знак прашање бидејќи е обезбеден гас до 31 декември, па ако не се обезбедат неколку десетици милиони евра да се субвенционира цената, од први јануари двојно или тројно ќе поскапи цената на централното затоплување во Скопје. Фалат, по некои проценки, околу 150 до 200 милиони за да се преброди кризата со струјата.