Мицкоски пак бара предвремени избори
Потребни се брзи предвремени парламентарни изборибидејќи оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ нема кредибилитет, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, тоа го покажале резултатите од локалните избори кои беа одржани во октомври, наведувајќи дека доколку продолжи оваа влада да владее, „ќе продолжат и поразите.“
„За жал тие порази почнуваат да не чинат со десетици загубени човечки животи, а тоа е само поради една основна причина – раководните лица кои се дел од владејачките партии не си ја вршат работата за која се платени“, изјави Мицкоски за време на посета на Свети Николе.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да навлегува во теориите дали СДСМ и ДУИ имаат мнозинство од 61 пратеник во Собранието и кој е 61-от пратеник, наведувајќи дека за тоа треба тие да одговорат.
Инаку, откако СДСМ на 26 ноември му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев, од партијата соопштија дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека има 61 пратеник.
Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи од партијата ДУИ потврди дека постои мнозинство и дека владата во овој момент треба да продолжи, но и да ги зајакне нејзините капацитети и поддршка во Собранието.
„Мнозинство има, тоа можам да го потврдам. Очекуваме со овие разговори ова мнозинство да се зголеми дополнително, за да биде стабилно и да може во наредните месеци и години да се продолжи со овие сериозни активности на Владата“, рече Османи на прес-конференција.
Тој додаде дека наредниот период е исклучително важен за стратешките правци на државата и за постигнување на одредени стратешки цели, а дека секоја дестабилизација на владата во овој период може дополнително негативно да влијае на постигнуваење на тие цели.
Во однос на разговорите со Алтернатива, Османи рече дека тие се заеднички меѓу сите коалициони партнери и дека во име на сите коалициони партнери ги спроведува премиерот.