Мицкоски ќе враќа се што ќе избрише Заев за „бугарскиот фашистички окупатор“


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека кога ќе дојде промената на власт, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати историските факти во учебниците од кои премиерот најави дека ќе се брише зборот „бугарски“ пред „фашистички окупатор“.

 Мицкоски смета дека изјавата на премиерот Зоран Заев дека во учебниците ќе се брише зборот „бугарски“ пред „фашистички окупатор“ е скандалозна и дека ние не сме Талибанци па да бришиме историски факти. Тој вели дека Заев треба да им го објасни тоа на семејствата на оние што животите ги загубиле во Треблинка, а за Бугарија порача дека наместо да бара бришење на учебниците, треба да му се извини на народот.

„Шокантна е изјавата на премиерот Заев. Нека оди и нека им го каже тоа на внуците, синовите и ќерките на луѓето што своите животи ги загубија во Треблинка, притоа уапсени и ставени во вагони од страна на раката на бугарскиот фашистички окупатор. Нека оди на нив нека им објасни кои соработувале, а кои не соработувале. Шокантно. Веднаш, при промената на власт, ние не сме талибанци да бришеме историски факти, ќе ги вратиме тие историски факти онакви какви што ги признава светската историја. Тие биле фашисти, ни сме се бореле против тие фашисти. Наместо да бараат да бришеме учебници, треба да дојдат овде и да му се извинат на овој народ“,рече Мицкоски.

Со реакција се јави и Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. тие исто така не се согласуваат со намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, посочувајќи дека наместо бришење на терминот „бугарски“ би требало да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.

Во реакцијата се посочува дека бришењето на терминот за етничка припадност значи „искривување на историската вистина“.

Тие наведуваат дека нивната реакција се базира на фактите дека денешна Република Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациони зони – Западна Македонија окупирана од Италија и Централна и Источна од Царска Бугарија, во кој дел живееле Евреите, како и дека тие „биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор“.

– За да не дојде до погрешно учење на историјата потребно е дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни кои се погодени со историските случувања. Тоа значи наместо бришење на „бугарски“ да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор, би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, наведуваат Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Тие посочуваат дека денешната модерна и демократска Бугарија, треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите.Според нив, за да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е Софија јавно да се извини „за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Македонија“.

– Ова наше барање се провлекува години наназад и наместо да биде финализирано, се повеќе се продлабочува. Се надеваме дека нема да дојде време кога ќе се побара од нас Евреите, кои со векови живееме на овие простори да ја избришеме колективната меморија за постапките на „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, се додава во заедничката реакција на Еврејска верска заедница и Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија.