Мицкоски: Иницијативата за недоверба на Владата не беше грешка туку вистинска одлука


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се уште не смета дека направи погрешка проценка со иницијативата за гласање недоверба на владата.

-Не направив погрешна проценка туку вистинска одлука со која на површина ја извадив целокупната немоќ на владата и нејзините менахизми на владеење. Уште од почетокот знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени. Но, сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи владата. А, ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики но се обединуваме во заложбата за пшромени и носење на нова иднина, изјави Мицкоски во интервју за весникот „Политика“.

Според него, потребна е оставка на целата влада, не само за Заев, затоа што единствениот разумен и логичен исход на сето ова се брзи избори.

-Сега имаме една неодржлива ситуација каде имаме влада без мнозинство пратеници која дополнително  е без легитимитет декласирана на локалните избори кои се оддржаа пред две недели. Изборите се решение за да се провериме кај народот и што тој мисли за целата оваа состојба. Оваа влада нема капацитет да се носи со енергетската криза која зема замав, како и политичката криза која дополнително следи. Што се однесува до Заев тој уште еднаш ја замајува јавноста и уште еднаш не си го одржа сопствениот збор, а тоа е доколку загуби на локалните избори си оди од политиката. Неговото останување во политиката ќе биде продолжување на кризата, и тој во ниту еден сегмент не може да биде клучен во било кое добро решение за државата, изјави Мицкоски. 

Запрашан дали очекува разрешница на спорот со Бугарија и подигање на ветото, Мицкоски вели дека не очекува чуда.

-Она што очекувам од било која македонска влада е да се грижи за стратешките интереси на државата Македонија и она што беше изгласано од мнозинството на пратеници во Собранието срочено во резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии. Очекувам почит, бидејќи и почит даваме кон нашите соседи. И во овој поглед секоја влада треба приоритетно да се насочи кон решавање на домашните проблеми. Вистински загрижувачки е лошата економска состојба, отсуството на инвестиции, присуството на корупција. Дајте да ја завршиме домашната задача, а само така ќе ги одземеме аргументите на тие кои посакуваат кочење на европските интеграции. И не треба да заглавуваме во прашањата кои не разединуваат и создаваат конфликти туку да работиме на нова иднина.

Според него, Балканот е уморен од лажни надежи и чекање.

-Не смее да се загуби достоинството во предолго чекање. Одговорноста за ова е на балканските лидери, но и на европските. Европската унија мора да покаже флексибилност, а сите држави на Балканот треба да демонстрираат кооперативност во тој процес. Не смее да се злоупотребува правото на земји членки на вето кон државите кои реално заслужуваат прогрес ниту пак да има победници и понижени. Секогаш кога на Балканот сме се вртеле кон минатото сме заглавувале, сега треба да гледаме кон иднината. Да направиме спротивно од се досега. Да покажеме дека се грижиме со работа, отворање на нови работни места, со подобар стандард за граѓаните. Не е патриот оној кој повеќе ќе биде гласен со националистичка реторика туку оној кој реално ќе оствари дела за својата земја. Мора нов правец во движењето на работите, и сите ние имаме капацитет и сила за големи работи, изјави Мицкоски за „Политика“.