Мицкоски до градоначалниците: Местото ви е на терен, а не во фотелјите


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски им порача на градоначалниците дека по ниту една цена да не се занемари она што беше ветено на граѓаните во изминатиот период на локалните избори. Од нив тој побара директно три работи.

„Како прво, имајќи предвид дека во програмите имаме предвидено сериозни капитални проекти, ќе побарам од градоначалниците во наредните триесет дена да започнат со активности за реализација на најмалку три капитални проекти од инфраструктурен карактер со кој ќе решат значајни проблеми на граѓаните од тие општини“,рече Мицкоски.

Второ, наведе тој, е да покажат скромност во делувањето и да се откажат од привилегиите. Веднаш, апелираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, да се откажат од употреба или злоупотреба на службените возила надвор од службените потреби на општините, како и да нема злоупотреби на парите за ненаменски трошоци, како што се скапи ручеци.

„Како трета работа, побарав да се излезе на терен и да бидат во постојана комуникација со граѓаните и заеднички да учествуваат во решавањето на нивните проблеми. Нашето место, како што тоа впрочем го зборувавме во кампањата, не е во удобните фотелји, туку меѓу народот кому му треба помош, бидејќи лошо живее. Секое едно ветување кое го дадовме не го забораваме и тоа за мене е огромна одговорност. Довербата нема да биде прокоцкана, од ниту еден од овие луѓе коишто се зад мене“, рече Мицкоски.

Тој ја повика и јавноста да биде коректор на власта на локално ниво.