Мицкоски бара задолжување од 1 милијарда евра


Покрај најавеното задолжување од 600 милиони евра, дополнително може да се обезбедат 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, вели Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес на прес-конференција побара државата да се задолжи за една милијарда евра заради справување со економските последици од пандемијата со корона вирусот. На веќе постојното задолжување од околу 600 милиони евра, што го предвидува Владата, тој побара во функција да се стави и вишокот ликвидни средства кај банките, а кои се чуваат во вид на благајнички записи на Народната банка. Мицкоски предлага тие средства да се пренаменат за финансирање на стопанството, преку издавање на државни записи од страна на Министерството за финансии.

„Освен 600-те милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светска банка, ММФ и странските банки, дополнително може да се обезбедат 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии“, рече Мицкоски.

Тој објасни дека банките на сметки во НБМ имаат чуваат околу 25 милијарди денари во благајнички записи, или околу 420 милиони евра.

„Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во целата економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата“ рече Мицкоски додавајќи дека станува збор за еден вид „замрзнати пари надвор од економијата“.

„Во услови кога општата ликвидност на економијата е загрозена и кога парите не циркулираат во економијата, овие средства во едномесечни хартии од вредност од централната банка треба да се пренасочат во државни хартии од вредност, и затоа бараме веднаш аукција на државата за собирање на оваа ликвидност од 420 милиони евра“, истакна Мицкоски.

Понатаму, неговиот предлог е овие 420 милиони евра да се стават на располагање како фонд во Македонска банка за поддршка и развој за директна поддршка на приватниот сектор, особено на микро, малите и средни претпријатија за да ја надминат својата неликвидност.

Од Народната банка се воздржаа од коментар за предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија и универзитетски професор во пензија, Љубе Трпески, пак, вели дека ваквата операција не е невозможна, но за тоа треба да се произнесат сите учесници во процесот, банките, Министерството за финансии, а пред се централната банка.

„Претпоставувам дека логиката е наместо во странство, да се искористат потенцијалите внатре, а потенцијалите се ова што го имаат банките пласирано во НБМ во вид на благајнички записи. Меѓутоа, тука мора прво да се праша Народната банка, како таквото нагло повлекување на средства кои што се пласирани кај НБМ како инструмент за одржување на ценовната стабилност и на стабилноста на курсот на денарот, ќе делува врз монетарната политика. Без тоа не може да се спроведе. Единствено оправдување е наместо во странство, државата да се задолжи во земјата“, вели Трпески.

Инаку, во Македонија постои забрана за таканаречено дефицитно финансирање од страна Народната банка, односно печатење пари за финансирање на дефицитот, кои би ги користела државата. Ваквата брана, односно законска одредба се смета дека е една од клучните кои придонесоа во поголемиот период на самостојност да се одржи макроекономска стабилност, односно ниска инфлација и стабилен курс на денарот, за што постои консензус меѓу сите политички партии во земјава.

Но, како што појаснува професорот Трпески, државата како секој друг субјект, може да се задолжува или кај банките или во странство.

Деновиве гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска, при промоцијата на првиот пакет мерки за помош на стопанството потенцира дека НБМ и натаму ќе ја чува стабилноста на денарот и ниската инфлација. НБМ како поддршка на стопанството ја намали каматната стапка на благајничките записи на 1,75 отсто, што е историски најниско ниво, а донесе и други регулаторни мерки со кои се овозможува банките да ги одложат побарувањата од граѓаните и од фирмите за одреден временски период, но и да им понудат поповолни камати и други услови за отплата на кредитите и така да придонесат да се надминат економските последици од Ковид 19.

Мицкоски денес на прес конференцијата исто така побара претседателот на СДСМ, Зоран Заев, веднаш да го повлече предлогот за кратење на платите на вработените во администрацијата, бидејќи со тоа, според него, кризата ќе се продлабочи. Тој, ги оцени мерките на СДСМ како задоцнети и недоволни и дека нема да бидат вистински за она што му треба на стопанството.

„Земјата од независноста до денес минала низ многу проблеми, но никогаш не се посегнало по платите на работниците“, рече Мицкоски. Според него кратењето на платите ќе значи сериозен удар за стандардот на вработените и е економски неисплатлива и порача дека кратењето требаше првенствено да почне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери.

„Вработените во администрацијата ги немаат привилегиите на функционерите на власта, ама сега со предлогот на Заев ќе ја имаат истата плата од 14.500 денари. Голем дел од овие луѓе имаат кредити и не може да зависат од милоста на банките и несериозноста на Заев“, рече Мицкоски, кој и останатите мерки кои до сега беа предложени ги оцени како аматерски и недоволно добро обмислени.

„Наместо урамниловка, бараме паралелно со замрзнување на обврските на граѓаните кон банките да се разгледа можноста за намалување на примањата на вработените во администрацијата и јавните претпријатија за месец март највеќе до 10 отсто“, рече Мицкоски.

Мицкоски, сепак, поддржа една од мерките која јај соопшти Владата, а тоа е одлуката аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но побара таа да се примени и за ДДВ за март кој се плаќа до крајот на април за дејностите погодени од кризата. (М.Ј.)