Мицкоски бара брзи избори


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски, порача денес дека Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат повеќе кредибилитетот помеѓу народот, поради што не е решение премиерот Зоран Заев да си оди, а министрите да останат со нов мандатар. 

-Јасно дека Зоран Заев дури и да си поднесе оставка, министрите ќе продолжат да го преставуваат неговиот корумпиран систем кој на овие избори доживеа на двапати неуспех, двапати беше поразен. Дури и Зоран Заев да си оди, но владата да остане, Венко Филипче и понатаму ќе биде неуспешен министер кој што е рекордер по бројот на луѓе кои што ја изгубија битката со Ковид пандемијата, Љупче Николовски и понатаму ќе биде нефункционален министер, а Македонија најкриминална и најкорумпирана држава во Европа, Мила Царовска и понатаму ќе продолжи да го уништува образованието, а Македонија ќе нема ниту еден универзитет во првите 2.000 според Шангајската листа, и така натаму. Можам да ги редам сите неуспеси и сите неуспешни министри во оваа криминална влада која што до скоро ја предводеше и се уште Зоран Заев. На крајот и самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а самите локални избори се доживеаја како референдум за актуелната влада, и народот жестоко ги казни, оцени Мицкоски. 

Според него, прашањето кое легитимно се поставува сега е дали ќе има ново парламентарно мнозинство и без избори да се формира нова влада, или пак нови избори за влада со нов кредибилитет која ќе одговара на фактичната реалност.

-Пред да дадам одговор на овие две прашања, ново мнозинство или избори, потребно е да се има во предвид дека Македонија ја очекуваат кризни времиња каде стабилизирањето на институциите е од клучно значење.Многу е загрижувачка состојбата во енергетиката. Ни следува ценовен енергетски шок, каде прашањето не е дали, туку колку ќе поскапи цената на струјата? Поскапувањето на цената на струјата ќе значи и ценовен шок кој ќе се прелее и врз останатите производи, а сето ова ќе значи зголемена инфлација, намален стандард и зголемена сиромаштија. Покрај тоа морам да предупредам дека се можни и рестрикции на струјата. Како дојдовме до сето ова?

Предупредував уште пред неколку месеци дека начинот со кој што се управува со енергетските ресурси во Македонија неминовно ќе дојде до ваков крах и ситуација која што денеска кулминира како што можев да видам со кризна состојба, енергетска кризна состојба. А, тоа е така поради лошото управување на РЕК, трчањето по тендери ради криминал, а денеска таквото однесување резултира недоволно количество на јаглен за производство на струја, акумулации и хидропотенцијал кој што е еднаков на нула, а на крај гледаме дека владата нема никаков посериозен план да се справи со сето ова.

Понатаму очекувам засилување на последиците од ковид вирусот. Се покажа и докажа дека институциите се неефикасни во справувањето со кризата, а воедно има целосно потфрлање во менаџирањето на процесите во тој план. Ова го потврдуваат како што кажав за жал повеќе од 7.000 починати и фактот што земјава руши неславни рекорди на тој план.Од друга страна пак интеграциите кон Европската Унија се во целосен застој. Дури и да се добие датум за преговори за што ВМРО-ДПМНЕ целосно се залага, потребни се коренити реформи кои ќе ги спроведуваат институции со слаб квалитет и без кредибилитет, како што е сегашната фактичка состојба.

Воедно економијата влегува во сериозни и нестабилни води. Индустриското производство во септември месец падна за 8 проценти, споредено со септември месец минатата година. Бројот на вработени во индустријата се намали за повеќе од два проценти во септември месец споредено со септември месец 2020-тата година.Или пластично кажано од лошо полошо.Ова се најмалку четири причини кои говорат дека се потребни се крупни одлуки кои мора да се носат во овој период.Народот јасно кажа дека не верува во тоа дека оваа влада може да се справи со овие последици, со тоа не само што легитимитетот е доведен во прашање туку и под прашање е мотивацијата на оваа влада да се справи со овие проблеми.

Затоа сметам дека првата опција формирање на ново парламентарно мнозинство нема да даде нова енергија потребна за реформите, новата иднина која ќе ја градиме и решавање на овие наталожени проблеми, тоа само ќе не внесе во нови разговори, преговори, понуди и слично, кои ќе го разводенат капацитетот за управување на институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои што туку завршија. Затоа  во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која ова корумпирана влада ја втурна.Брзи избори за кои нема да има алтернатива, затоа што потребна е стабилна влада и надминување на кризите со кои ќе се соочиме.Изборите се светлото од крајот на тунелот и патот до промените кои само тогаш ќе бидат целосни.

Брзите избори ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме.Воедно нова влада треба да ги релаксира и односите во општеството. Да се стави крај на поделбите и конфликтите, на омразата посеана која што е во функција на заштита на криминалот. Да се донесе правда и сигурност кај граѓаните. Да зачекориме во подобри времиња и иднина каква што секој еден граѓанин заслужува, порача Мицкоски.