Мицевски: Не е време за славење, состојбата е сериозна


Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски денеска од Собранието порача дека пред Македонија е голема работа, а се надева дека ќе има и нови предвремени парламентарни избори.

„Состојбата во државата е сериозна. Не е време за славење. Македонија во наредниот период ќе ја зафати енергетска криза, како што се случува во многу земји. Економијата тоне во државата. Ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство. Ако не успееме, најдобро е да има нови предвремени парламентарни избори“, рече Мицевски.

Според него, оставката на премиерот Заев од претседател на Владата и од лидер на СДСМ се уште е фејсбук оставка, се уште не е испратена до институцијата каде што треба да биде доставена, а тоа е Собранието.Додаде дека во зависност од писмото што ќе биде добиено ќе се знаат и процедурите, односно што треба да бидат наредните чекори во Собранието. Посочи дека согласно Уставот имало постапки каде претседателот на Републиката по доставувањето на оставката  е должен во рок од 10 дена да ја достави на мандатар кој ќе приложи мнозинство од 61 пратеник, па потоа мандатарот има 20 дена за одлучување, односно за составување на новата влада. Тоа, како што рече, ќе се види откако ќе биде доставена оставката. 

Според него, потребни се сериозни анализи, сериозни симулации на состојбата, разговори со сите политички чинители за да може, како што рече, да излезат со одреден став за она што ќе се случува во наредниот период.