Мерката 14.500 денари сочувала 80 отсто од високопогодените работни места, оценува „Фајнанс тинк“


ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали треба да се слушнат и работниците

Мерката за финансиска поддршка на работните места до 14.500 денари по работник за месеците април и мај 2020, надополнета со субвенционирањето на придонесите во висина од 50 отсто кај најзасегнатите сектори во транспортот и угостителството, овозможила зачувување на околу 80 отсто од работните места кои биле високопогодени, и според тоа, било извесно дека ќе бидат затворени, оцени денес „Фајнанс тинк“ во најновиот бриф за политиките чија цел е да процени дали беше неопходна финансиската поддршка на фирмите за задржување на работните места во време на КОВИД-19.

„Без финансиска поддршка на претпријатијата за задржување на работните места, стапката на невработеност ќе изнесуваше 23,9 отсто. Според последните информации за регистрираната невработеност (податоци од Агенцијата за вработување), помеѓу февруари 2020 (пред КОВИД-19) и јуни 2020 биле изгубени (во нето износ) 15.371 работни места, што претставува 20,6 отсто од потенцијалот за губење на работните места“, оценува „Фајнанс тинк“.

Според проценките на „Фајнанс тинк“, финансиската поддршка од 14.500 денари по работник покрива околу 198 илјади работници во Македонија, што е теоретскиот потенцијал на мерката, еквивалентен на фискален трошок од 46,6 милиони евра месечно. Поради тоа што, моментално, мерката е во сила за два месеци, фискалниот трошок на државата се проценува на 93,2 милиони евра само од оваа мерка. Од овој износ, 5,9 милиони евра месечно, односно 11,8 милиони за двата месеца отпаѓаат на најпогодените сектори во транспортот и угостителството, со покривање од околу 22 илјади работници. Дополнителни максимални 810 илјади евра изнесува финансискиот трошок за мерката за субвенционирање на половина од придонесите, која во оваа симулација ја применуваме само на дејностите транспорт и угостителство, бидејќи само тие сектори може да ги комбинираат двете мерки.

Околу 32 илјади работни места во најпогодените сектори и околу 43 илјади работни места во високопогодените сектори биле под ризик да бидат уништени. Вкупниот износ на работни места кои би биле изгубени поради кризата се проценува на 75 илјади, што претставува 9,2 отсто од вкупните вработени во Македонија.

„Овој наод е во линија со наодот од МОТ/ЕБОР, според кој во Западниот Балкан, во просек, биле изгубени работни часови во износ од 11,6 отсто, што е еквивалент на губење околу 85 илјади работни места во Северна Македонија. Дополнително, нашата интернет анкета од крајот на март 2020, покажа дека 10,8 отсто од работниците стравувале од моментално губење на работното место“, нагласувааат од „Фајнанс тинк“.

Реализацијата на мерката за финансиска поддршка со 14.500 денари по работник во месец април од околу 135 илјади работници укажува дека мерката била потискористена (68,4 отсто). Анегдотските докази укажуваат дека ова се случило поради недоволна информираност и стравувања дека пријавувањето за мерката ќе донесе проблеми за претпријатието во иднина (најчесто цитиран е стравот од зачестени инспекции). Сепак, во мај, искористеноста на мерката значително се зголемува и таа се доближува до својот теоретски потенцијал (92,9 отсто), се вели во анализата.

Од „Фајнанс тинк“ додаваат дека поради продолжувањето на индуцираната рецесија од почетокот на јуни 2020 – селективно спроведување на полициски час, придружено со потенцијален втор пик на пандемијата во истиот период, како и поради неизвесностите сврзани со олабавувањето на рестрикциите во меѓународната мобилност, ризикот за работните места, иако намален, и понатаму е присутен во текот на месец јуни. Оттука, „Фајнанс тинк“ препорачува важноста на двете мерки кои беа предмет на анализа во овој бриф да се прошири и на месец јуни 2020.

Паралелно со спроведувањето на овие мерки, се препорачува понатамошно да се зголемува информираноста и да се гради довербата меѓу државните институции и корисниците на мерката, но истовремено да се спроведе оценка за пристапот и односот на инспекциските служби што може да било причина за ирационален однос на корисниците кон мерките на државата за намалување на економските штети од КОВИД-19.