Мелони разговараше со Трамп и Зеленски за војната во Украина


Италијанската премиерка Џорџа Мелони телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, за војната во Украина, соопшти канцеларијата на Мелони, цитирана од италијанската новинска агенција АНСА.

Во соопштението за медиумите се вели дека „Мелони разговарала со своите соговорници за тековните напори за договарање примирје и почеток на преговарачки процес што би можел да гарантира праведен и траен мир во Украина. Разговорот се одржал во контекст на последната дипломатска иницијатива преземена од САД“.

Во соопштението се наведува и дека „разговорот со претседателот на ОАЕ дал можност да се разговара за одличната координација во испораката на хуманитарна помош во Појасот Газа“.

„Потврдена е потребата од итно прекинување на непријателствата, потребата од ослободување на заложниците што ги држи Хамас и слободниот влез на хуманитарна помош за да се стави крај на хуманитарната криза во Појасот Газа“, се вели во соопштението од канцеларијата на Мелони.