Мексиканскиот наркобос „Ел Чапо“ осуден на доживотен затвор


Хоакин Гузман Лоера, мексиканскиот крал на дрогата, познат како „Ел Чапо“, осуден е на доживотна казна затвор, пренесуваат светските медиуми.

Американски суд му изрече доживотна затворска казна на мексиканскиот наркобаронот Хоакин Гузман „Ел Чапо“ (62), јави ДПА.

Тој доби уште 30 години затвор, како и парична казна од 12,6 милијарди долари, што ги заработил со криминалната активност.

„Ел Чапо“ беше еден од шефовите на мексиканскиот наркокартел „Синалоа“ а „бизнисот“ му се состоеше од производство и трговија со кокаин, хероин, марихуана и метамфетамини, што илегално ги внесуваше на американскиот пазар.

Со ова е ставено крај на една од најбруталните и најозогласените криминални кариери во модерната историја.

„Ел Чапо“ има испратено стотици тони дрога во САД и одговорен е за брутална смрт на десетици луѓе, потсетува „Њујорк Тајмс“.

„Овој случај едноставно беше инквизиција, судењето беше обична претстава“, изјави неговиот бранител по пресудата пред присутните новинари.

Нарко босот кој во Мексико го чуваше армија гангстери, беше доведен во САД за да присуствува на судењето, откако двапати побегна од мексиканските затвори.

Пред да му биде изречена казната, Гузман се жалеше на условите во затворот и им рече на судиите дека немал фер судење, тврдејќи дека американскиот окружен обвинител Брајан Коган не ги истражил темелно тврдењата за неговите злосторства.

Обвинителите наведоа дека доказите покажуваат дека за време на 25-годишното владеење на Гузман со „Синалоа“ картелот криумчарел тони кокаин и други дроги во САД како и дека „армијата убијци“ по негови наредби киднапирале, мачеле и убавале секого кој ќе му застанел на патот.

Одбраната тврдеше дека „Ел Чапо“ го наместиле другите трговци со дрога кои станале владини сведоци со цел да се извлечат од своите случаеви.

Гузман беше отсечен од надворешниот свет откако во 2017. година беше екстрадиран во САД, бидејќи американските власти, загрижени поради неговите бегства од мексиканските затвори, го држеа во самица во високообезбеден дел од затворот на Менхетен, а на судењето одеше со придружба на голем број стражари.