МЕФ 2019: Со дигитализацијата не постојат машки и женски работи


Во минатото се веруваше дека жените не можат да работат во енергетиката, но со дигитализацијата работите се изменија и сега не постојат машки и женски работи, порача модераторот на вториот панел на Македонскиот енергетски форум 2019 (МЕФ 2019), професорката на ФЕИТ, Христина Спасевска.

На панелот насловен „Жените во енергетиката – можности и предизвици за родова еднаквост“ претседателот на УО на ЕВН Скопје, Питер Штефан посочи дека мажите и жените имаат исти можности кога ќе пораснат.

-Една студија покажува дека машките и женските деца сметаат дека машките се попаметни на возраст до шест години, а кога ќе почнат да одат во училиште работите се менуваат. На факултет веќе има изедначеност на половите. Треба да има холистички однос, но не сум  приврзаник за квоти помеѓу мажи и жени, рече Штефан.

Рим Хамдан, заменичката генерален директор на ЕДЦО (EDCO) компанијата за електродистрибуција на Кралството Јордан посочи дека околу 28 отсто од вработените во енергетските компании се жени.

-Пречките зошто жените не работат во енергетските компании се различни од земја во земја и од град во град. Сега пречките не се исти како во минатото и сите компании имаат вклучено во своите таргети одредба за подобрување на застапеноста на жените во компаниите. Во Јордан како и во Македонија 55 отсто од факултетската поплулација се жени, но само 17 отсто од вработените се жени, а само еден отсто се инженери во енергетскиот сектор. Мое мислење е дека дел од вработените не прифаќаат жени, а и нема поддршка од семејството, рече Хамдан.

Нагласи дека поддршката од семејството е клучна за да се намали товарот врз вработените жени.

Верица Узунова, претседател на Надзорниот одбор на АД Електрани на Северна Македонија потенцира дека жената инженер мора да прифати дека ќе биде малцинство во целиот нејзин работен век и да се посвети на доживотно учење.

-Да се биде жена инженер значи предизвик во конзервативно општество какво што е Северна Македонија. За да бидам овде присутна неопходно беше да ја донесдам тука и мојата ќерка која има девет месеци. Жена инженер потешко напредува во такво општесто само заради тоа што е жена и доколку има подобри квалификации и знаења. Затоа е неопходно уште од најмали години да се работи на родовата еднаквост, рече Узунова и додаде дека е многу мал бројот на жени на управувачки места во енергетскиот сектор.

Од 2010 година наваму се зголемува бројот на вработени жени инженери.

Во ЕСМ од преку 5.000 вработени само 637 се жени, а од нив само седум се на раководни места.

Шенон Рањон од Амбасадата на САД посочи дека јазот помеѓу мажите и жените е најмал во здравството каде изнесува пет отсто, но значајно поголем е во енергетиката и во политиката. За да се изедначат половите неопходни се 67 години во Европа, а 165 години во Северна Америка доколку продолжат постојните трендови.

Директорката на Канцеларијата на Фридрих-Еберт Скопје, Ева Елереит рече дека не е постигнато многу на полето на половата еднаквост од пред 40 години кога беше донесена Конвенцијата за родова еднаквост.

-Тоа што и денеска дебатираме на оваа тема покажува дека не сме сработиле многу на оваа тема, порача Елереит.

На примерот на мојата земја Германија, рече, се гледа дека во поранешната ДДР жените повеќе биле застапени на раководните места и повеќе работеле отколку во Западна Германија. -Може некого не му се допаѓа социјалистичкото минато, но мора да се преземат некои добри работи од тоа општество особено за застапеноста на жените, потенцира Елереит и додаде дека е потребен закон за да има родова еднаквост.