Медитеранот станува се поопасен, предупредуваат климатските експерти

Бродоломот на луксузната јахта закотвена на брегот на Сицилија е најновиот показател дека Медитеранот станува сè поопасно море за навигација, според климатските експерти.
Еден човек загина, а шест лица се уште се водат како исчезнати, меѓу кои и британскиот технолошки претприемач Мајк Линч, откако 56-метарската јахта „Бајезијан“ беше погодена од силно невреме во понеделникот. Таа потона за неколку минути.
Климатолозите велат дека глобалното затоплување е причина за почести и посилни бури во морето, кое се користи како „летно игралиште“ за милиони туристи, вклучувајќи ги и богатите кои пловат на суперјахти.
Лука Меркали, претседател на Италијанското метеоролошко друштво, рече дека температурата на површината на морето околу Сицилија во деновите пред бродоломот била околу 30 степени Целзиусови, речиси три степени над нормалата.
„Тоа создава огромен извор на енергија што придонесува за овие бури“, изјави Меркали за Ројтерс.
Промените во „Маре Нострум“ (Нашето море), како што античките Римјани го нарекувале Медитеранот, ги забележуваат искусни капители како Масимо Араму, кој раководи со школата за едрење Акуа на брегот во близина на главниот град на Италија.
Во моментов пловејќи низ Грција, Араму рече дека не сака да плови по италијанскиот тиренски брег околу Сицилија или шпанските Балеарски острови бидејќи има „често критични ситуации со мало предупредување“.
Невреме слична на онаа што го потона „Бајезијан“ го погоди Балеарскиот архипелаг, кој ги опфаќа островите Ибица и Мајорка, минатата недела.
Џулијано Гало, поранешен капитен кој го преминал Атлантикот и напишал неколку книги за едрење, рече дека Медитеранот станува се повеќе како Карибите, кои имаат области што многу бродови ги избегнуваат во одредени периоди од годината.
„Но, работите се помалку предвидливи во Медитеранот“, рече тој.
Уште еден знак за понестабилно време во Средоземното Море беше забележан пред една година кога илјадници луѓе во Либија загинаа во поројните поплави предизвикани од силната медитеранска бура поттикната од сè потоплите мориња.
Карстен Борнер, капетанот на бродот што беше закотвен покрај „Бајезијан“, но избегна штета, рече дека бурата во понеделникот била „многу дива, многу интензивна, брановидна и мислам дека се вртеше како торнадо“.
Тој исто така тврди дека се поинтензивните горештини во текот на летните месеци играат улога во предизвикувањето на вакви бури.
„Водата е (…) премногу топла за Медитеранот и тоа секако предизвикува силни бури, како што имавме пред една недела на Балеарските острови, како пред две години на Корзика и така натаму“, рече тој.