Мецола пред обраќањето за „Состојбата на ЕУ“: Мора да го направиме она што го бараат граѓаните


 Од денешниот обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред европратениците сакаме да дознаеме како Европската Унија ќе го олесни животот на нашите бизниси преку намалување на бирократијата и поедноставување на правилата, истакна претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. 

Во изјава пред почетокот на годишното обраќање на Фон дер Лајен пред ЕП, познато како „Состојбата на Европската Унија“, Мецола нагласи дека тоа е настан на кој се прави преглед на она што е направено во ЕУ и се разгледува што треба да се направи врз основа на она што го бараат граѓаните.  

-Граѓаните бараат многу едноставни работи. Тие сакаат работа. Тие сакаат покрив над главата. Тие сакаат безбедност. Тие сакаат поедноставни правила и сакаат да се осигурат дека имаат еднаков пристап до можностите и до сопствената безбедност и едноставност, рече Мецола. 

Според неа, европските граѓани сакаат да се осигурат и дека ЕУ е обединета во заштитата на демократијата таму каде што има поткопување на нејзините вредности и дека е подготвена да ја гарантира својата безбедност преку зголемување на трошоците за одбрана. 

– Нашите граѓани сакаат да се осигурат дека сме обединети и кохерентни во соочувањето со повеќекратните предизвици и дека се залагаме и мир и безбедност насекаде, без разлика дали е тоа Украина, Блискиот Исток или кој било друг дел од светот. Ова е она што Европскиот парламент го очекува. Ова е она што граѓаните го сакаат од нас, додаде Мецола. 

Во врска со соборувањето на руски дрон од страна на полските безбедносни сили, Мецола изјави дека со упадот на леталото над територијата на Полска не само што се доведуваат во прашање заедничките одбранбени способности и безбедност на ЕУ и НАТО, туку и тоа колку се тие подготвени за секаков напад.