Мецола: Потребна ни е пореална, посамокритична и помалку бирократска Европа

Заврши времето на хипотетички крстопати и сега останува само еден пат и тоа кон поинаква Европа, која е пореална, посамокритична, насочена кон поддршка на своите индустрии, со помалку регулативи и со повеќе иновации, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќање на настанот насловен „Европа на крстопат“, што се одржа во зградата на ЕП во Брисел.
– Ни треба решителност, политичка храброст, да покажеме дека се уште сме континент во подем. Да докажеме дека сме отворени за бизнис. За идеи. За нови начини за справување со старите проблеми. Така им пркосиме на циниците и ги победуваме оние кои се решени да видат како Европа пропаѓа, истакна Мецола.
Според неа, потребна е Европа во согласност со очекувањата на граѓаните, како и промена на начинот на размислување и на приоритетите, а за да се оствари тоа Европската Унија треба да ги прави работите поинаку, да работи побрзо со самодоверба и да биде похрабра во своите одлуки.
– Попаметна Европа е онаа што препознава дека нашиот начин на индивидуални слободи и системи за социјална сигурност зависат од нашата конкурентност. Онаа во која е можно идејата да се претвори во бизнис, да се најдат инвестиции, да се пропадне и да се започне одново и одново, во која стартапите можат лесно да се прошират и во која бирократијата е драстично намалена дури и за мали работи, како што е безбедноста на патиштата, без прекумерно комплицирање на животот на луѓето, рече Мецола, додавајќи дека агендата за поедноставување на ЕУ треба да означи почетокот на нова Европа, која ќе овозможи економски бум.
Таа оцени дека за да стане посилна, Европа треба да ги користи можностите, а не да ги брка, па затоа и е потребен сеопфатен договор за трговијата со САД, затоа што во интерес на двете страни од Атлантикот е да го градат и зајакнуваат своето сојузништво.
– Прилагодувањето мора да значи дека сме способни да не се плашиме од придобивките од градењето нов поблизок однос, не само со САД, туку и со Канада и со Велика Британија. Реалноста на географијата е таква каква што е, но вонредните времиња бараат вонредни моменти и треба да излеземе од нашите традиционални зони на комфор, рече Мецола.
Претседателката на ЕП посочи и дека е потребно поголемо издвојување за одбраната и безбедноста, но дека „фрлањето пари на проблемот нема и да го реши“, туку дека е потребно здружување на европските одбранбени индустрии како долгорочен и стратешки пристап.
– Секоја земја членка сега сфаќа дека за да ја контролира својата судбина, Европа мора да може да работи во свет кој е поопасен и понестабилен од порано. ЕУ се уште е најголемиот политички проект во историјата. Таа се уште е најдоброто место за живеење и основање семејство во светот и не и недостасуваат капацитети, таленти, капитал, луѓе и иноватори, кои ќе ја водат и обновуваат, додаде Мецола во обраќањето.