Мажите и пушачите се поосетливи на корона вирусот – интервју со д-р Дејан Докиќ, пулмолог


Фото: Б. Грданоски

Лејла Сабит

Фото: Борис Грданоски

Во Македонија, во моментот од коронавирусот се заразени 241 лице, најмногу во Скопје, 143, четворица се починати, тројца се излечени, а 9.025 се во изолација.

„Вирусот кој ги напаѓа белите дробови сѐ уште е енигма за светската наука, не постојат докази кои лекови се ефикасни против Ковид-19, а за вакцината против Сарс Ков-2 мора да се почека уште најмалку 12-18 месеци до добивањето сигурни податоци дека вакцината навистина ги заштитува луѓето од овој вирус“, вели познатиот пулмолог и алерголог во светски рамки, проф.д-р Дејан Докиќ, директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија и професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

Проф.д-р Докиќ, за nezavisen.mk, откри и зошто короната е опасна, како се пренесува, кои категории лица се најранливи, дали остава трајни последици и дали маските и ракавиците навистина можат да не заштитат од заразата.

Дали коронавирусот е опасен зашто е непознат или е опасен како вирус?

Краток одговор е и двете. Прво, вирусот е непознат и се пренесувал помеѓу животните пред се лилјаците и влекачите. Во одреден момент (сѐ уште енигма за светската наука) вирусот, сега веќе наречен SARS-CoV 2, почна да се пренесува од животните на човекот и понатаму помеѓу луѓето. Бидејќи генетската структура на вирусот во 96 отсто се совпаѓа со онаа на корона вирусите што паразитираат кај лилјаците укажува дека токму тие се резервоар на вирусот.

Инаку, овој вирус припаѓа на фамилија корона вируси коишто имаат еден синџир на РНК. Припадниците на оваа голема група вируси коишто се пренесуваат од човек на човек се одговорни за 20-25 проценти од случаите на настинките, коишто секоја година сезонски се јавуваат во доцните есенски, а траат сѐ до раните пролетни месеци.

Овој вирус е опасен по тоа што лесно се пренесува преку капките коишто болниот ги искашлува или ги исфрла по пат на кивање на растојание не поголемо од 1,5-2 м. Некои податоци од Вухан, Кина, укажуваат дека овој вирус може да се пренесе и оро-фекално (пренесување на заразна болест со нечисти раце). Исто така, опасноста се состои и во фактот што заразениот пациент уште пред да има симптоми може да ја пренесе инфекцијата на здрава личност доколку има близок контакт којшто трае подолго од 15 минути.

Како вирусот го напаѓа човекот и што предизвикува кај болните?

Вирусот којшто вообичаено се наоѓа во искашланите капки или во капките што настанале со кивање на заразена личност по пат на инхалација навлегуваат во дишните патишта на здравото лице. Вирусите на својата површина имаат молекули со коишто се врзуваат за ACE2 рецепторите на површината од респираторниот епител, срцето, бубрезите, а според некои сознанија и на цревата. Потоа навлегуваат во клетките и се размножуваат. Штом се размножат тие ја уништуваат клетката-домаќин и напаѓаат други соседни клетки. Имунолошкиот систем на домаќинот се бори на тој начин што создава воспаление на слузокожата на дишните патишта. Како резултат на тоа, пациентите имаат симптоми како што се: кашлица, течење на носот, кивање, болки во грлото, покачена температура и главоболки. Овие пациенти имаат лесна клиничка слика на болеста наречена Ковид-19, a предизвикана од вирусот SARS-CoV2.

Кај поголемиот број заразени, вирусот ќе навлезе длабоко во белите друбови односно во алвеолите и ќе предизвика пневмониа. Алвеолите и меѓуалвеоларните простори се исполнети со воспалителна течност и воспалителни клетки што ја намалува еластичноста на белите дробови и создава бариера на размената на гасови. Како последица пациентите имаат недостаток на кислород. Кај нив клиничката слика е многу потешка и личи на тежок грип: висока температура, отежнато дишење, болки во градите, кашлица, малаксаност, болки по мускулите, а кај некои пациенти се јавува и дијареа.

Кои пациенти имаат поголем ризик од компликации и дали тие можат да се предвидат?

Се смета дека мажите, а пред сѐ постарите лица коишто пушат се поосетливи кон овој вирус. Некои научници сметаат дека ова се должи на зголемениот број ACE2 рецептори коишто се среќаваат кај овие ризични групи, а коишто претставуваат влезна врата на вирусот.

Што се однесува до компликациите тие се почести кај пациенти со хронични белодробни заболувања, кардиоваскуларни, бубрежни заболувања, шеќерна болест, канцер и најчесто се јавуваат во форма на тешка пневмониа или акутен респираторен дистрес синдром ARDS (во 29 проценти), акутно оштетување на срцето (12 отсто) и секундарни бактериски инфекции кај 10 отсто од пациентите. Околу 1/3 од пациентите ќе бидат сместени во единиците за интензивна нега поради тежината на болеста.

Дали пушачите претставуваат ризична група?          

Досегашните сознанија укажуваат на фактот дека пушачите имаат поголем ризик да се инфицираат со SARS-CoV 2 и да добијат сериозни компликации, пред сѐ заради оштетата на белодробната функција што е предизвикана од долготрајно пушење. Исто така, постои мислење дека поголемиот број ACE2 рецептори што се регистрираат кај пушачите може да е причина за поголемиот број компликации кај пушачите  инфицирани со корона вирусот.

Дали вирусот остава трајни последици на белите дробови?

Сѐ уште е рано да се говори за последиците од овој вирус врз белите дробови. Прекратко е времето на пациентите што оздравеле од инфекцијата за да може да се регистрираат евентуалните последици. Се шпекулира дека кај одреден број пациенти SARS-Co-V2 би можело да предизвика фиброза на белите дробови. Секако, најсериозната последица од овој вирус е смртниот исход кој варира од 1-4 отсто од заболените.

Дали и други лачења како пот, урина, измет… се инфективни или само плунката?

Од досегашните скромни познавања за новиот корона вирус се смета дека вирусите се наоѓаат не само во капките создадени при кивањето или кашлицата туку и во изметот. Новиот корона вирус е детектиран во изметот на првиот заразен пациент во САД и докажано е дека може да се размножува и да опстане во дигестивниот тракт. Се смета дека и изметот може да биде извор на зараза со овој вирус.

Интересно е да се напомене дека SARS-CoV2 е детектиран во брисот од грлото на новороденче, 30 часа по пораѓањето на мајката која имала пневмониа предизвикана од вирусот. Ова индицира можност за неонатален пренос на вирусот од мајка на дете.

Дали навистина инкубациониот период е 14 дена?

Се смета дека од експозицијата на вирусот (интензивен контакт со заразено лице) до појавата на првите симптоми може да истечат од два до 14 дена. Додека пак времето од појавата на симптомите до појавата на отежнато дишење во просек изнесува пет дена, до хоспитализација седум дена, а до појавата на акутен респираторен дистрес синдром осум дена.

Дали Ковид-19 позитивните пациенти без симптоми ќе развијат болест и како се справувате со нив?

Не сите пациенти што се позитивни на SARS-CoV 2 ќе развијат клинички манифестна болест. Тоа значи дека има една група заразени лица коишто нема да имаат никакви симптоми и нема да знаат дека се болни, а истовремено ќе бидат заразни за околината.

Што би им препорачале на болните од астма или друга хронична белодробна болест?

Бидејќи болните со хронични белодробни заболувања, како што се астмата и ХОББ се едни од најранливите пациенти би требало да преземат навремени мерки коишто се состојат во: избегнување контакт со болни лица, редовна хигиена со миење на рацете со сапун и евентуална дезинфекција на истите, евентуално користење на ракавици за една употреба, носење на заштитни маски (по можност N95) кога имаат контакт со други лица и редовно земање на инхалаторната терапија.

Како најдобро да се заштитиме кога нема лекови за оваа болест, а на вакцината ќе се почека?

Постојат повеќе лекови коишто потенцијално би имале ефект на новата болест Ковид-19, но мора да се напомене дека сѐ уште не постојат сигурни докази дека се ефикасни во лекувањето на истата. Што се однесува за вакцината против SARS-CoV 2, мора да се почека уште најмалку 12-18 месеци до добивањето на сигурни податоци дека вакцината навистина ги заштитува луѓето од овој вирус.

Има ли одреден начин на исхрана и начин на живот?

Сѐ уште нема податоци дека некаква исхрана или начин на живот би ги заштитиле луѓето од добивање на Ковид-19. Иако се јавуваат на Фејсбук и други медиуми рецепти за некакви напитоци или храни коишто би штителе од вирусот, мора да напомнам дека не постојат никакви докази за нивниот ефект и претставуваат непроверени информации.

Дали маските и ракавиците штитат од зараза?

Досега е познато дека маските N95 (според СЗО) можат да спречат, пациентите што се болни од некоја заразна болест и коишто кашлаат и киваат, да ја контаминираат околината и со тоа да ја намалат можноста да заразат здрави лица. Во услови на епидемија, а особено на пандемија, и обичните хирушки маски би биле подобро решение од никаква заштита. Ракавиците за една употреба во услови на епидемија ја зголемуваат заштитата на пренесување на болеста од секретите на заболените лица со коишто може во текот на денот да дојдеме во допир, но тоа не го заменува миењето на раце со сапун.