Масовно труење со храна во повеќе франшизи на Мекдоналдс во САД: Едно лице почина, десетици заболени


Најмалку едно лице почина, десет лица се хоспитализирани, а 49 се разболеле поради труење со бактеријата Ешерихија коли во франшизи на Мекдоналдс во десет американски сојузни држави.

Американскиот Центар за контрола на болести и превенција (ЦДЦ) соопшти дека сите случаи се поврзани со хамбургерите „Quarter Pounder“ на овој познат синџир за брза храна.

ЦДЦ објави дека случаите се пријавени во Колорадо, Ајова, Канзас, Мисури, Монтана, Небраска, Орегон, Јута, Висконсин и Вајоминг, а најмногу во Колорадо – 26 случаи.

„Сите лица што ги испрашавме јаделе во Мекдоналдс, а повеќето од нив консумирале хамбургери Quarter Pounder“, наведе ЦДЦ во својот извештај.

Американската Управа за храна и лекови (ФДА) и државните здравствени органи ги истражуваат случаите. Иако точната причина сѐ уште не е потврдена, се смета дека говедското месо и кромидот се потенцијални виновници. Мекдоналдс привремено го повлече хамбургерот од продажба во областите каде се пријавени случаи.

„Безбедноста на храната е наш приоритет и ги преземеме сите неопходни мерки“, соопшти Мекдоналдс.