Масивен руски ракетен бараж врз Украина, погодена енергетска инфраструктура

Русија истрела 48 крстосувачки ракети, а Киев соопшти дека 34 од нив уништиле украинските сили. Пет жртви во Лавов


Во раната зора во Харков (Фото: АП)

 

КИЕВ – Русија рано во четвртокот започна ракетен бараж насочен кон енергетската инфраструктура низ Украина, погодувајќи станбени згради и убивајќи најмалку пет лица во најголемиот таков напад во последните три недели, соопштија официјални лица.

Четири лица загинаа во регионот Лавов откако проектил погоди станбена зона, изјави гувернерот на Лавов Максим Козицки. Три згради беа уништени од пожар по ударот, а спасувачките работници ги чешлаа урнатините барајќи повеќе можни жртви, рече тој.

Петтото лице е убиено, а уште две се ранети во повеќекратни напади во регионот Дњепропетровск, чија цел била неговата енергетска инфраструктура и индустриски капацитети, рече гувернерот Серхи Лисак.

Сирените за воздушни напади ечеа во текот на ноќта низ Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев, каде што се случија експлозии во две западни области на градот. Одбранбените системи беа активирани низ целата земја и не беше јасно колку проектили погодија цели или беа пресретнати.

Администрацијата на градот соопшти дека Киев бил нападнат и со проектили и со експлозивни беспилотни летала и дека многу биле пресретнати, но дека неговата енергетска инфраструктура била погодена.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека експлозии биле пријавени во областа Холосивски во градот, а две лица се ранети во областа Свјатошински, исто така на западната страна на градот, а таму се запалени автомобили, додаде градоначалникот.

Тревогата во Киев беше укината непосредно пред 8 часот, а сирените за воздушен напад замолкнаа по седум часа.

Воздухопловните сили на Украина објавија соопштение преку Телеграм за бранот напади од Русија во текот на ноќта. Во него се тврди дека „одбранбените сили на Украина уништиле 34 крстосувачки ракети… како и 4 беспилотни летала ‘Шахед-136/131’“. Се тврди дека вкупно 48 крстосувачки ракети од типот „Калибр“ биле истрелани од Русија. Една ракета „Калибр“ чини 6,5 милиони долари, што значи дека само за денешниот ракетен баража Русија потроши 312 милиони долари.

Киев го опишува нападот како вкупно „81 ракета од различни типови“ и дека „лансирањата биле извршени од 10 стратешки авиони Ту-95, седум авиони со долг дострел Ту-22М3, осум ловци Су-35, шест МиГ- 31К авиони и три носачи на ‘Калибр’ во Црното Море“.

Во него се додава: „Како резултат на организирани контрамерки, 8 водени воздушни ракети Kх-31P и Kх-59 не ги достигнаа своите цели. Вреди да се напомене дека вооружените сили на Украина немаат средства способни да ги уништат Kх-22 и Kh-47 ‘Кинжал’ и С-300“.

Ракетниот бараж дојде додека Русија остварува напредок во источното упориште на Украина Бахмут, каде што шест месеци трае жестоката борба меѓу двете страни и го претвори градот во пустелија.

Тоа, исто така, дојде неколку часа откако генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го посети Киев на разговори со претседателот Володимир Зеленски за продолжување на договорот што ѝ дозволува на Украина да испорачува жито од нејзините пристаништа на Црното Море и ѝ дозволува на Русија да извезува храна и ѓубрива.

Приватниот оператор за електрична енергија ДТЕК извести дека три негови електрани биле погодени. Немаше жртви, но компанијата соопшти дека опремата е сериозно оштетена.

Во источна Украина, 15 проектили го погодија Харков и оддалечениот североисточен регион, погодувајќи станбени згради, изјави гувернерот на Харков, Олех Синиехубов. Тој вети дека ќе открие повеќе детали за обемот на штетата или за какви било жртви во вториот по големина град во Украина.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, на Телеграм објави дека има „проблеми со електрична енергија“ во некои делови од градот.

Гувернерот на Одеса Максим Марченко рече дека биле погодени станбени згради и оштетени се неколку далноводи во ударите во неговиот јужен регион. Тој рече дека биле соборени шест проектили и еден дрон.

Нуклеарната централа Запорожје, која е окупирана од руските сили, ја загуби моќта како резултат на ракетните напади, според нуклеарниот државен оператор Енергоатом.

Тоа беше шести пат кога централата е во состојба на исклучување откако беше преземена од Русија пред неколку месеци, принудувајќи ја да се потпре на 18 дизел генератори кои можат да работат на станицата 10 дена, рече Енергоатом. На нуклеарните централи им е потребна постојана енергија за да работат со системи за ладење и да се избегне распаѓање.

„Одбројувањето започна“, рече Енергоатом.

Спасувачите во разурната зграда во Лавов

Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко ги осуди ракетните напади како „уште еден варварски масивен напад врз енергетската инфраструктура на Украина“, велејќи во објава на Фејсбук дека објектите во регионите Киев, Миколаев, Харков, Запорожје, Одеса, Днепропетровск и Житомир биле цел.

Повеќе експлозии се забележани во северниот град Чернихив и во западниот регион Лавов, како и во градовите Днипро, Луцк и Ривне. Украинските медиуми јавуваат и за експлозии во западните региони Ивано-Франковск и Тернопил.

Русија ја погодува Украина со овие масовни ракетни напади од октомври минатата година. Првично, баражите насочени кон енергетската инфраструктура на земјата се случуваа неделно, потопувајќи ги целите градови во темнина, но со текот на времето станаа поретки, при што коментаторите шпекулираа дека Москва можеби штеди муниција.

Последниот масовен бараж се случи на 16 февруари. (Според агенциите)