Русија се откажа од идејата за промена на границите во Балтичкото Море


 

Руските власти се откажаа од идејата за еднострано проширување на територијалните води на земјата во Балтичкото Море во близина на границите со четири земји од НАТО – Полска, Литванија, Естонија и Финска.

Нацрт владиниот декрет за ревизија на географските координати на државната граница, објавен во вторникот, 21 мај, исчезна од порталот за регулаторни акти во средата. На а официјална веб-страница regul.gov.ru е објавено дека „проектот е избришан“. Причините за ваквата одлука не беа наведени.

Според документот подготвен од Министерството за одбрана, Русија имала намера да прогласи дел од водното подрачје на истокот на Финскиот залив, како и во близина на градовите Балтијск и Зеленоградск во областа Калининград за свои внатрешни морски води.

За да се направи ова, беше планирано да се променат географските координати на точките што ја одредуваат положбата на основните линии од кои се мери ширината на територијалното море на Руската Федерација и делумно да се признае декретот на Советот на министри на СССР за државните граници на Балтикот, кои беа во сила од 1985 година.

Непосредно пред отстранувањето на проектот, државната агенција РИА Новости, повикувајќи се на извор во руското Министерство за надворешни работи, објави дека немало „и нема“ планови за промена на границите на Русија во Балтичкото Море. И прес-секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков на брифинг во средата повика да не се гледа „ништо политичко“ во идејата за поместување на државната граница. Ескалацијата на тензиите и зголеменото ниво на конфронтација во балтичкиот регион „бара нашите релевантни агенции да преземат соодветни чекори за да ја осигураат нашата безбедност“, рече тој.

Иницијативата на Министерството за одбрана, која стана позната истовремено со почетокот на вежбите за употреба на тактичко нуклеарно оружје, предизвика остра реакција во земјите на НАТО.

Летонското Министерство за надворешни работи го нарече „планирана провокација со цел ескалација“, чија цел е „заплашување на соседните земји“ и нивните граѓани. Литванскиот министер за надворешни работи Габрелиус Ландсбергис ја обвини Москва дека се обидува да „сее страв“. „Ова е очигледна ескалација против НАТО и ЕУ, што бара соодветен и остар одговор“.

Претходно, балтичките земји, како и клучните европски земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија и Франција, предупредија дека Владимир Путин би можел да влезе во директен воен конфликт со НАТО.