Избувна пожар во голема фармацевтска компанија; 100 пожарникари на терен (фото)


Пожар од големи размери избувна денеска во канцелариите на данскиот фармацевтски гигант „Ново Нордиск“ во близина на Копенхаген, соопштија пожарникарите.

„Ова е огромен пожар. Имаме околу 100 пожарникари на терен“, изјави за AFP шефот на противпожарните операции Мартин Смит, додавајќи дека сите се евакуирани од зградата во Багсвард, во северниот дел на метрополитенската област Копенхаген.

Пожарот избувнал во контејнер на градилиштето „Ново Нордиск“ и се проширил на покривот на соседната деловна зграда, која исто така е во сопственост на компанијата.

Големи облаци од сив чад биле видливи на оддалеченост од 30 километри од пожарот, јави данската новинска агенција Рикау.

Пожарот се случи помалку од една недела по оној што избувна на 16 мај на друго градилиште на „Ново Нордиск“ во Калундборг, кој немаше никакво влијание врз производството на лекови.