Мартенс: Новите инвестиции ќе го зголемат извозот од С. Македонија во Германија

Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, смета дека новите инвестиции кои ги најавија компаниите во економските зони, ќе придонессат да се зголеми извозот од Северна Македонија во Германија.
„Сметам дека најавените инвестиции, во првите пет месеци од оваа година, на Костал, Дрекслермајер и Гересхајмер се првите показатели дека ќе има зголемување на извозот од Северна Македонија кон Германија“, вели тој во неговата Утринска телеграма.
Мартенс потсетува дека трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија во 2020 година забележа пад од 15 отсто во однос на 2019 година, а извозот од Северна Македонија кон Германија во 2020 беше намален за 13,3 отсто.
„Во 2021 година, пандемијата и понатаму владее со светот, додека економијата продолжува да се потпира на медицината. Вакцинацијата која се одвива со полн ек во Европа, носи нова надеж“, вели Мартенс.
Инаку, Утринската телеграма Мартенс вели дека Делегацијата на германското стопанство, оваа година за прв пат го организира македонско-германскиот ИТ-бизнис форум, кој има за цел да се презентираат високо софистицираните услуги на македонските ИТ-компании на германскиот пазар.
„На крајот на овој месец, планираме да ја организираме нашата традиционална тркалезна маса со заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи. Компаниите навреме ќе бидат известени за настанот со цел да ги подготват своите точки за дискусија“, вели Мартенс.