Марфи: Ова е луда војна на Трамп!
Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со сè поголем притисок од сопствената политичка сцена, откако сенаторот од редовите на демократите, Крис Марфи, оцени дека „ја изгубил контролата“ врз војната против Иран.
Марфи, влијателен член на Комитетот за надворешни работи во Сенатот, изјави дека администрацијата влегла во „паничен режим“, додека конфликтот со Иран влегува во четвртата недела.
Тој е дел од растечката група американски законодавци кои јавно ја критикуваат заедничката воена операција на САД и Израел, предупредувајќи дека ситуацијата излегува од контрола.
„Ова е луда војна на Трамп“, изјави Марфи во претходни настапи, додавајќи дека последиците веќе се чувствуваат врз американската економија.
Според него, наглиот раст на цените на горивата, како директен резултат на ескалацијата на конфликтот и тензиите околу Ормутскиот теснец, почнува да ја „стега“ економијата на САД.
Критиките доаѓаат во момент кога Трамп повторно испрати остри закани кон Техеран, предупредувајќи дека ќе ги „збрише“ иранските електрани доколку не се отвори целосно Ормутскиот теснец за поморски сообраќај.
Оваа реторика дополнително ја подгрева загриженоста дека конфликтот може да влезе во уште поопасна фаза, со потенцијални глобални последици – од енергетска криза до поширока регионална ескалација.Сè погласни се прашањата во Вашингтон – дали стратегијата на администрацијата има јасна цел, или ситуацијата веќе се движи кон неконтролирана ескалација.