Маратонците го трчаат последниот круг
Големи се шансите трчајќи со децении маратон да потрошиме пет генерации граѓани додека погрешната политика ја заврши изработката на погребалната опрема за достоинствен погреб на државата
Насловот на текстот можеше да биде Македонците го трчаат последниот, или во оригинал, „почесниот круг“ со истоимените култна драма и игран филм. Но, бидејќи на премиерот Христијан Мицкоски повеќе му се допаѓа маратонот што ќе трае долго и напорно за да стасаме во Европа, што ја одредува иднината на државата и на сите граѓани без оглед на нивната национална припадност, се определив за поблагата варијанта. Значи, ќе трчаме долго и напорно, ама ќе издржиме и ќе успееме без да коленичиме со гордост и достоинство да станеме членка на ЕУ – ни вети цврсто по стоти пат премиерот.
Штом тој сѐ почесто и со вознес ветува нешто вакво сигурно набргу ќе има избори. Воопшто не му е тешко со ветувањата. Тие брзо се забораваат, особено ако до целта има трчање уште едно 35 години. Јас му верувам на премиерот Мицкоски дека трката ќе трае долго и мачно, само со една мала исправка – не е извесно дали ќе има кој да трча во последниот, или ако сакате во почесниот круг. Се утепавме од трчање до сега цели 35 години со често промашување на патеката секогаш кога на чело на два милиони папсани тркачи се неговите маратонци.
Зошто ми е асоцијацијата на култната комедија „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Да потсетам на кратката содржина за „нештата да бидат појасни“: дејствието на драмата се случува во Србија во семејството Топаловиќ кое цели пет генерации се бави со изработка на погребна опрема. По смртта на најстариот член во семејството доаѓа до внатрешни судири кој ќе застане на чело да управува со бизнисот. Најмладиот член на погребалното препријатие не сака да се бави со гробарска работа и тука се одвива заплетот на драмата кој ќе застане на чело на вносниот бизнис. Смеење до солзи.
Пет генерации жртви на лагите
Разликата со нашето погребално препријатие „Македонија“ е во тоа што има извонредни шанси да потрошиме, исто така, пет генерации граѓани додека погрешната политика заврши со изработката на погребална опрема за достоинствен погреб на државата. Досега потрошивме три генерации, преостануваат уште две за конечно да се заврши работата. Шансите за тоа се одлични, но комедијата кај нас на крајот прераснува во трагедија. Еве и зошто: децата родени во годината на прогласување на независноста на државата денес полнат триесет и пет години, а тие што беа полнолетни веќе наполнија 53 години. Првите што почнаа да го трчаат маратонот на свои 40, 50, 60-годишна возраст се во длабока старост, или се починати. Ако со ова темпо продолжи трката и во наредните три ипол децении ќе се сторат пет генерации жртви на блокадите на европскиот пат, на достоинството и на гордоста. Ќе нема кој да го истрача почесниот круг на „големиот успех“, кој прераснува во катастрофа постојано плачејќи од неправдите и бранејќи ги националните посебности и идентитети кои најдобро се заштитени токму со членството во ЕУ.
Тоа се случува кога водачите на државата во битките за власт и богатење не го есапат најскапоценото. Залудно изгубеното време. Лагите за загрозениот идентитет добија гротескни и трагични димензии. Додека траат манипулациите на нашите заробеници на историјата и на географијата над 220.000 илјади граѓани си зедоа бугарски пасоши и уште над 80.000 се во процедура. Луѓето си потпишаа во документи дека нивните претци имале бугарско потекло поради нивните маки да обезбедат егзистениција за своите семејства, да се спасат од вечната трка и плачење за идентититетот. Масовно си заминуваат од државата. Поточно, бегаат.
Се разбира, не се работи за идентитетот, туку маката им е голема за опстанок и бегство од сиромаштија. Одговорот на оваа „бугаризација“, кое често се поставува, е во прашањето доколку македонските и бугарските пасоши имаа подеднаква важност во светот колку граѓани ќе се изјаснуваа за бугарско потекло. Ставам раце во оган дека 99 отсто од граѓаните што дојдоа до спасоносниот документ за бегство од татковината немаше да се определат да се изјаснуваат за бугарски корени. Тоа се докажа и со последниот попис на населението кога само околу 3.500 граѓани се изјаснија како Бугари.
Во политиката ништо не е вечно
Наездата по бугарски пасоши ќе биде уште посилна додека трае маратонот на Мицкоски, особено по моментот кога Бугарија ќе воспостави безвизен режим со Америка. Ако кон ова се додаде уште колку албански и српски пасоши ќе добијат граѓани на Македонија, ако нѐ претркаат и овие комшии, како што има реално изгледност за време на долгиот и мачен маратон на гордоста на Мицкоски и неговите наследници и следбеници, тогаш режијата на неговата комедија навистина прераснува во голема трагедија.
Му посакувам на Мицкоски и на неговите наследници од револуционерната партија да го доживеат тој чин на трагедијата кога нема кој да го трча последниот круг на нивниот самоубиствен маратон и да го видат злоделото што го направија спасувајќи ги идентитетот, јазикот и историјата, кои никој не може да ги даде, промени и одземе, освен погрешните политики, манипулации и лаги, кога корупцијата и криминалот, битките за власт водат кон осиромашување, беда и безперспективност на граѓаните. Негациите на националните посебности само го зајакнуваат идентитетот. Несреќата е во тоа што домашната ѓурултија околу овие прашања, како и компромисите се третираат како вечни отстапки. „Во политиката ништо не е вечно, освен интересите“. Како рамноправни членки на ЕУ многу работи можат да се променат. Тоа јасно се покажа кај повеќето нови членки кои по направените отстапки како кандидати, остварија значајни државни интереси по влезот во европското семејство.
Нема единство за да не влеземе во ЕУ
Премиерот Мицкоски често поентира со патриотската порака не може по секоја цена и без гаранции од ЕУ дека ќе нема повеќе вета. И се разбира дека нема да исполнуваме договори кои ги склучиле „велепредавниците“ потпишувајќи остапки со „коленичење“ на бел лист хартија. Не знам дали премиерот Мицкоски има видено колква е цената од последиците на неговите вета на многу листови испишана хартија, или на компјутерските екрани ако ги анализирал податоците што сѐ се сме изгубиле во неговите години на владеење и во годините на блокади кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозицијата и на власт со прогласување на домашни и надворешни предавници и со ветувањата дека ќе ги поништи штетните договори со соседите.
Претпоставувам дека штом само декларативно се изјаснува дека најголем приоритет му е членството во ЕУ, најверојатно поради фактот што над 60 проценти од граѓаните се изјаснуваат за членство во ЕУ, ја открил цената за изгубената поддршка во економијата од милијарди евра додека траат преговорите. И уште двојно повеќе ако станевме членка на ЕУ. Но, не е се во парите и слободниот пристап на пазарот од 500 милиони луѓе. Загубите на привилегиите и предностите во образованието, во културата, во здравството, во земјоделството, во изградбата на инфраструктурата, во безбедноста на земјата, во екологијата во сестраниот развој на земјата, демократијата и повисокиот стандард на граѓаните се немерливи. Од споредбите што добиваат нашите проблематични комшии, а што губиме ние, секој изминат ден боли глава.
Доколку ги има овие сознанија македонската јавност компромисите што се кренаа до ниво на предавства стануваат прифатливи, па затоа за нив најмалку се зборува и пишува. Главните теми кај нас се неправдите, предавствата, домашните предавници и навредите кон ЕУ нејзините државници и бриселските функционери и на самата Европа. Притоа го игнорираат фактот дека ЕУ е третата светска економска велесила што го потврди светски познатиот економист и нобеловец Пол Кругман. Зборувајќи за тоа деновиве во Риека на конференцијата посветена на „глобалната моќ, геополитика и Европа во дигиталната ера“ Кругман кажа: „ Ако ги погледнете економските ресурси постојат три големи сили Кина, САД и ЕУ која често пати не се однесува како супер сила но тоа е, ако зборуваме за нејзината економска сила“. Ако се погледаат достигнувањата и во науката, во образованието, во културата и во многу други области Европа е на светскиот врв. Е, тоа нашите карикатурални „евроскептици“, слуги на власта, го игнорираат делејќи им лекции и навреди на европските функционери умислувајќи во тоа големо јунаштво на домашен терен.
Кога стасуваат годишните извештаи од ЕУ за постигнатите резултати, како последниот, власта и провладините медиуми ги прерипнуваат фактите за оценките дека речиси ништо не сме исполниле од клучните реформи кои власта и нејзините пропагандисти ги прикажуваат лажно дека сме понапред од многу други земји, ама протекционизмот на Европа нѐ казнува неправедно која за едни била мајка, а за нас маќеа. Е, па тогаш, да трчаме маратон и натаму со децении до последниот круг, без режим во сообраќајот, два чекори напред, илјада назад.
Не е можно единство на платформата да не влеземе во ЕУ, на што везден повикува премиерот Мицкоски.