Макрон претстави план за подобра заштита од кибер криминал

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го претстави планот за подобра заштита на јавните установи и приватните компании од кибер криминал по нападите овој месец врз две болници и зголемувањето на сличните кибер напади во Франција.
Нападите врз две болници предизвикаа префрлање на некои пациенти во други установи во време кога францускиот здравствен систем е под притисок поради пандемијата на коронавирус.
Макрон зборуваше за нападите со официјални лица и вработени од двете болници, велејќи дека инцидентот покажал дека заканата е многу сериозна, понекогаш и клучна.
– Учиме за овие нови напади, некои доаѓаат од држави како дел од нови конфликти меѓу народите, други доаѓаат од мафии, рече францускиот претседател за време на видео-конференција.
– Некои напади имаат криминални или профитабилни мотиви, други се користат за дестабилизација на земјите, додаде тој.
Кабинетот на Макрон соопшти дека Владата ќе издвои околу 500 милиони евра за да помогне во зајакнувањето на системите за кибер безбедност во јавниот и приватниот сектор.