Макрон отфрла можност за левичарска влада, започнуваат нови консултации во Франција


Францускиот претседател Емануел Макрон денеска, во име на „институционалната стабилност“, ја отфрли опцијата за формирање левичарска влада и најави нови консултации „со одговорните во партиите“ и „со истакнати личности“, се наведува во соопштението од Елисејската палата.

Макрон ги повика социјалистите, еколозите и комунистите да „соработуваат со другите политички сили“.

Притоа, тој не ја спомна партијата на радикалната левица (LFI), со која социјалистите, еколозите и комунистите формираа лев сојуз Нов народен фронт (NFP).

Сојузот влезе во француското Собрание, но исто како и коалицијата околу Макрон, нема потребно мнозинство за да состави влада.

По првиот круг консултации со политичките партии, кои започнаа во петокот, Макрон денеска ја отфрли опцијата за формирање влада базирана само на програмите на партиите од NFP.

Таквата извршна власт „веднаш би била цензурирана од сите други групи претставени во Националното собрание“, и „институционалната стабилност на нашата земја затоа бара да не ја избереме оваа опција“, соопшти претседателството.

Лидерот на LFI, Мануел Бомпар, веднаш преку телевизија го осуди ова како „неприфатлив антидемократски удар“.

Макрон ги повика сите политички лидери „да ја искористат можноста и да покажат дух на одговорност“, додавајќи дека од утре ќе започне „нов циклус консултации“ со лидерите на партиите и „личности со искуство во служба на државата и Републиката“ за да се избере нов премиер на Франција.

Иако првиот круг консултации не овозможи да се најде име што би го заменило вршителот на должност премиер, Габриел Атал, „моја одговорност е да се осигурам дека земјата нема да биде во блокада или ослабена“, соопшти францускиот претседател.

Макрон потсети дека „политичките партии на власт не смеат да ги заборават исклучителните околности на изборот на нивните пратеници во вториот круг на парламентарните избори“ на 7 јули.

Тие околности беа – опасноста дека крајно десничарскиот Национален сојуз , предводен од Марин Ле Пен, ќе формира власт, по првиот круг на парламентарните избори во кој имаше мнозинство.

Потоа, во вториот круг, левицата и центристите постигнаа договор согласно кој повлекоа свои кандидати за пратеници во корист на едни или други, со цел да ги поразат кандидатите на Националниот сојуз, што и се случи.

Макрон распиша вонредни парламентарни избори по триумфот на НС и тешкиот пораз на неговите центристи на изборите за Европскиот парламент.