Макрон и Пленковиќ разговарале за Македонија


Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Загреб изјави дека Париз сака Западен Балкан да биде простор на мир и стабилност.

– Француската визија е да се изгради област на мир, стабилност, соработка, да се зајакне протокот на луѓе и да се создаде вистински европски простор,нагласи Макрон на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Запрашан за безбедносната ситуација на Западен Балкан, во контекст на претстојното претседавање на Франција со Европската унија и претходниот скептицизам на Париз за процесот на проширување, Макрон рече дека регионот е дестабилизиран од надворешни сили кои се обидуваат да ги оживеат етничките поделби.

– Франција е со народите од Западен Балкан,додаде Макрон.

Според него, Франција на самитот во Софија не кажала дека е против проширувањето на ЕУ, туку дека сака да стави крај на „бирократската ситуација”, односно да го реши проблемот. Макрон рече дека за време на хрватското претседателство со Унијата, во првата половина од минатата година, бил направен „повеќе политички процес”.

Тој изјави дека со Пленковиќ разговарал и за измените во изборното законодавство во БиХ, за проблемите во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија и за тензиите меѓу Белград и Приштина. Макрон рече дека Париз и Загреб ќе дејствуваат заедно за тие прашања.

Тој го поддржа влезот на Хрватска во Шенген зоната и оцени дека треба да се реформира и дека Хрватска е подготвена и покажала способност да ја чува границата.

Главниот дел од посетата е потпишувањето на договорот за купување на користени француски борбени авиони. Пленковиќ рече дека Хрватска ќе има авиони „како никој друг од југот на Германија до Грција”.