Македонските земјоделци повеќе сакаат да садат тутун отколку жито


Во 2025 тутунот беше засаден на 15.000 хектари

 

БИТОЛА – Македонските земјоделци садат култури кои им носат заработка. Годинава расте интересот за производство на тутун, каде килограм од последната реколта вкупно со субвенциите достигна цена од 500 денари.

Во државата има околу 1,26 милиони хектари земјоделска површина, од кои приближно 500 илјади хектари се обработливи – ораници, бавчи, лозја и овоштарници. Остатокот го сочинуваат пасишта и ливади.

Според последните статистички податоци за 2025 година, во земјава сè помалку се сее жито. Бројките велат дека се засеани околу 4.000 хектари помалку со житни култури, односно помалку пченица за дури 2.500 хектари. 

Според статистичките податоци во 2024 година биле засеани 152.080 хектари под жито, а во 2025 под жита засеани 149.745 хектари.

Пченицата од годинешната реколта за време на жетвата беше околу 11 денари за килограм. Сега земјоделци од Пелагонија велат дека килограм пченица се откупува по 14 денари исто колку и сточната храна. 

Новите правила за субвенционирање исто така ги одвраќаат земјоделците да сеат жито.

„Со новата програма минималната површина за полјоделски култури порано беше 0,5 ха (збирно) – сега е 0,7 ха (збирно). Висината на директни плаќања кај полјоделските култури е условена со минимални просечни приноси и тоа: 3.000 кг/ха за пченица и јачмен, 1.500 кг./ха за сончоглед, 2.000 кг/ха за маслодајна репка и 300 кг/ха за афион. Сите овие земјоделски производители мора производството да го продадат или складираат во период од 1 јуни до 15 октомври 2026 година, како услов за да земат субвенции од државата. Во истовреме од 2026 година, исклучени од право на користење на субвенции се и полјоделците кои садат пченица без употреба на сертифицаран семенски материјал“, реагираат земјоделци за „Независен“ и додаваат: „Ова за еден земјоделец подразбира – ако не докажеш принос што е пропишан како минимален – нема субвенции!“.

Лани, според изјавите од министерот Трипуновски, под пченица беа засеани 70.000 хектари а очекуваното производство беше од 280 до 300.000 тони пченица.

Не само што се намалува производството на жито, туку се намалува и производството на овошје и зеленчук, а се зголемуваат насадите на тутун. 

Во моменти кога тутунарите ги чекаат субвенциите за тутунот од последната реколта, министерот Цветан Трипуновски излезе со податок дека досега на ниво на Македонија се склучени 35.100 договори за откуп на тутун, за површина од 15.110 хектари. Во споредба со 2024 година  сега има над 5.000 договори плус, а договорените површини се зголемени за 2.100 хектари. Според министерот за земјоделство ова е доказ дека оваа гранка оди во нагорна линија во Македонија. Во последната реколта се откупија околу 26 милиони килограми, а министерот очекува дека новата реколта може да тежи и до 30 милиони килограми тутун.

Лани кога во овој период се исплаќаа субвенциите за тутунот беа исплатени рекордни 40 милиони евра на сметките на приближно 14.500 тутунопроизводители низ целата држава. Тоа е во просек по 2.700 евра на тутунар субвенции од државата.

Веќе две години цената на килограм тутун од прва класа со субвенција изнесува 500 денари. За разлика  од претходните 2024 и 2025 година кога субвенцијата за прва класа беше 100 денари, годинава висината на субвенциите се враќаат на 80 денари прва класа, 70 втора и 60 денари за трета класа. Ова е одлука на Влада кога во февруари годинава се усвои Програмата за директни плаќања во земјоделството за 2026 година.

Од Платежната агенција за „Независен“ изјавија дека наскоро ќе бидат исплатени субвенциите за тутунарите.

„Податоците од апликациите за мерката за тутун се целосно обработени, сите контроли на терен се завршени и во моментов работиме на обработка на податоците од извршените контроли на терен. По завршувањето на обработката на податоците од контролите на терен ќе се започне со подготовка со налози за исплата“.