Македонија во група со Јужна Африка, Боцвана и Уганда. Почнува тенискиот куп Били Џин Кинг
Започнува Купот Billie Jean King (поранешен Фед Куп) Група 3 од Евроафриканската зона. Натпреварите ќе се играат на терените на тенискиот клуб „Југ“ во Градскиот парк. Ќе земат учество голем број на тенисерки од различни земји во светот, кои ќе се надигруваат во 4 групи. Северна Македонија е во Ц групата заедно со Јужна Африка, Боцвана и Уганда.
Во А групата се Ирска, Исланд и Сејшели. Во групата Б Малта, Португалија и Бурунди, додека во група Д ќе се натпреваруваат Косово, Намибија, Кенија и Албанија.
Веќе утре (вторник) со почеток во 10 часот нашите репрезентативки ќе се соочат со тенисерките од Уганда, во среда со Боцвана, а во четврток со Јужна Африка. Натпреварите ќе се играат на централниот терен во ТК Југ. Првиот меч во 10:00 часот го започнува Магдалена Стоилковска, додека потоа следи натпреварот на нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа.
Нашата репрезентација на Купот Billie Jean King ја сочинуваат Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Александра Симева, Ива Данева и Катарина Маринковиќ.
Земјата победник на овој куп ќе добие шанса да биде промовирана во Група 2 од Евроафриканската зона.
Овој куп има богата историја во женскиот тенис и важи за елитен турнир во женска конкуренција. Тој е именуван по познатата тенисерка Били Џин Кинг, поранешна бр. 1 на светската ВТА листа. Купот Били Џин Кинг е најголемото сезонско женско меѓународно екипно спортско натпреварување според бројот на нации што се натпреваруваат.