Македонија пред нова влада или нови избори?


Oткако премиерот Зоран Заев вчера ја најави својата оставка во Владата и на лидерската функција во партијата , почнаа калкулациите како ќе се избере нов премиер. Уставот по ова прашање е јасен и вели дека не е можно да се избере само нов премиер, а владата да продолжи нормално да функционира. Со еден збор со оставката на Заев паѓа и целата влада.

„(…) Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата“, стои меѓудругото во членот 93 од Уставот.

Според процедурата, Заевтреба да му ја достави оставката на претседателот на Собранието Талат Џафери , а потоа шефот на државата Стево Пендаровски треба во рок од десет дена мандатот за состав на нова влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а тоа се уште е коалцијата околу СДСМ.По тоа, мандаторот има рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.

Но, кој ќе биде идниот лидер на СДСМ, а кој иден премиер? Дали треба да има и дали ќе има предвремени парламентарни избори и можно ли е ново парламентарно мнозинство? Јасно е само дека следува политичка неизвесност, а според некои проценки  кризата која може да потрае и до почетокот на следната година. За денеска во 10 часот е закажана координација на политичките партии во Собранието кај претседателот Талат Џафери, така што по неа ќе се знае нешто повеќе, но постои впечаток од првите изјави дека на опозицијата не и се брза или не е сигурна дека ќе освои доволно мнозинство на парламентарни избори за да не се најде во климава позиција како СДСМ сега.

Од ДУИ вчера вечерта немаа конкретен коментар на оставката на Заев, но и претходно па и синоќа високи претставници од партијата тврдеа дека многу сериозно политички се разбираат овие локални избори. Арбр Адеми на телевизија Сител изјави дека ако има предвремени избори ДУИ ќе има 20 пратеници во Собранието и дека албанската опозиција има голем минус поради коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, поради што на парламентари избори нема да освојат ниту еден пратеник.

„За нас не би било проблем да одиме на парламентари избори, би добиле 20 пратеници. Но албанската опозиција е во крајно неповолна позиција. Сепак дали да бараме нови избори. Ние никогаш не сме се воделе само од партиски интерес, никогаш не сме воделе. Иднината е наш интерес, рече Адеми. 

Значи ли тоа дека дека се или не се забетонирани коалициите?

„ Ние водиме грижа за нашиот рејтинг и поддршката на граѓаните. Не се радуваме ниту жалиме за победите на другите партии. ДУИ стои добро меѓу граѓаните. Затоа мое лично мислење е дека ВМРО-ДПМНЕ  имаат придобивки од коалицијата со АА и Алијанса, но албанската опозиција има штета. Ако се создаде коалција пред избори на ВМРО-ДПМНЕ со Левица на следните парламентарни избори Албанците од таа коалиција вооопшто нама да имаат пратеник имајќи ги предвид стратешките цели на Левица кои не се популарни политики кон албанскиот народ, рече Адеми. 

Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ  изјави дека времето ќе покаже дали ќе има нови избори.

„По оставката на Заев, ние сме сега пред легитимациска криза. Дали ќе има предвремени избори, ново мнозинство, времето ќе покаже. Таа е светла иднина. Во интерес на Македонија е што Заев е веќе поранешен премиер, рече Муцунски.

Во Владата има прв вицепремиер а тоа е Артан Груби и според законот тој треба да биде премиер 100 дена пред нови избори.Аналитичарот Арсим Зеколи синоќа праша дали по поднесената оставка на премиерот Зоран Заев можеби доаѓа период во кои 100 дена ДУИ ќе ја предводи Владата. 

„Недостасува ‚неотповиклива’ но наликува на таква оставка “до новата влада”. Во секој случај, добар гест. За разлика од изнудената на НГ 2017 и недадената на ХМ 2020 и ЗС 2020/21. Ова требаше да бидне лани. Сценарио Тереза Меј – Борис Џонсон? Новост и преседан кај нас? Или 100 дена ДУИ?“, напиша Зеколи.

Заев по оставката беше дециден дека тој не е за предвремени избори, туку и самиот ќе помогне СДСМ да го продолжи мандатот од 2,5 години, упатува на тоа дека треба да имаме нова влада со премиер од СДСМ. Но, лидерите на опозициските партии веќе најавуваат ново собраниско мнозинство, нова влада и предвремени парламентарни избори.

Новинската агенција Франс прес пак денес оцени дека дека шокaнтната објава на премиерот  Заев дека поднесува оставка по лошите резултати на неговата партија на општинските избори уследи по неколкумесечната намалена популарност на премиерот додека се бореше да ја одржи економијата на земјата на вистинскиот пат среде спротивставените ветрови на пандемијата и заглавените разговори за можното пристапување во Европската унија.