Македонија не е блокирана од Бугарија, туку од Франција, вели шефот на ЕПП, Манфред Вебер

Проширувањето станува сѐ повеќе лицемерна вежба на Европската унија, пишува бриселски „Политико“


Манфред Вебер

 

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, пред денешниот самит на ЕУ ја фрли целата вина за блокирањето на Македонија врз една земја – но тоа не е Бугарија. Вебер рече дека „веќе имало момент“ да ѝ се даде зелено светло на Македонија, но „тоа не беше Бугарија, туку Франција која го спречи тоа“. Тој додаде: „Мораме да бидеме јасни сега, мора да бидеме одлучни, мора да покажеме лидерство“ и да дадеме „јасна временска рамка“ за Западен Балкан.

Но, во исто време Вебер вели дека ЕУ не може да прифати нови земји-членки. На прашањето во интервјуто за еден германски медиум – дали ЕУ моментално може да прифати нови членки? Вебер одговара:

„Јасно не. Ние Европејците не сме подготвени за бурите што ќе го зафатат нашиот континент во годините што доаѓаат. Итно ни треба реформа на структурите на ЕУ. Условот за едногласност во надворешнополитичките одлуки мора да си замине. И мора конечно да го зајакнеме одбранбениот столб.

Вебер, кој е и претседател на групата на ЕПП во Европскиот парламент, вели дека е потребен обврзувачки распоред за земјите од Западен Балкан да се приближат кон ЕУ – да излезат од неизвесноста во последните неколку години. „Дали сакаме да ја извеземе нашата стабилност или да ја увеземе нестабилноста на Западен Балкан? Мора конечно да им покажеме на државите дека се добредојдени, но и да им ставиме до знаење дека тоа е во нивни раце. Ним им требаат далекосежни реформи пред да влезат во ЕУ“. Што е контрадикторно со претходното втврдења дека Франција, а не Бугарија ја блокира Македонија. Затоа што отворањето на преговорите не е во македонски раце, туку во европски (бугарски или француски).

Дали навистина само Франција и Бугарија стојат на патот? Шолц ја предупреди Србија дека нема да стане членка на ЕУ доколку не ја признае независноста на Косово и побара од Белград да одлучи помеѓу поддршката на ЕУ и застанувањето на страната на рускиот претседател Владимир Путин.

Сегашново решение за кое се трошат толку многу зборови – преправајќи се дека вратата на ЕУ е отворена кога всушност не е – не функционира за ниту една страна.

Проширувањето станува сѐ повеќе лицемерна вежба на Европската унија. Додека повеќето членки на ЕУ сакаат да ги поврзат Западен Балкан, Украина, Молдавија и другите потенцијални членки со економијата на ЕУ и нејзините вредности, многу високи дипломати признаваат дека се исто така свесни дека ЕУ, во нејзината сегашна форма, нема да може да апсорбира нови членови, пишува бриселски „Политико“.

И ги наведува скепсите што постојат во ЕУ: „Унијата не е само економска и идеолошка унија, туку таа е тело што создава нови закони, често де-факто преку едногласност и мачни преговори. Компромисните текстови што излегуваат на крајот од тој процес помалку личат на закони, а повеќе на чудовиштето Франкенштајн. Што ќе се случи кога ЕУ ќе додаде повеќе готвачи во бриселската кујна?“, оценува „Политико“.

Во говорот пред Бундестагот во средата, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека ЕУ мора да ги реформира правилата за гласање во клучни области како што е надворешната политика пред да може да прими нови земји-членки како Украина. Малку е веројатно дека малите земји – па дури и големите како Франција – некогаш ќе се согласат да се откажат од своето вето во надворешната политика. Затоа некои дипломати зборуваат за тој предлог како „отровна пилула“, која на крајот ќе го спречи пристапот на Украина.

ЕУ веќе се соочува со огромна тензија бидејќи нејзините постоечки членки имаат различни ставови за сè, од либералните вредности, улогата на независните судови и слободните медиуми до надмоќта на правото на ЕУ. Овие поделби одат до сржта на она за што е Унијата, а поновата историја покажа дека ЕУ не успеа да ги премости поделбите, туку само ги малтериса со пари.