„Македонија 2025“ презентираше мерки за намалување на бирократски товар


Во организација на „Македонија 2025“ вчера се одржаа консултации во врска со т.н. Финален патоказ за мерки и реформи за намалување на бирократскиот товар, кој е подготвен врз основа на истражувањето кое го спроведе „Македонија 2025“ за мерење на товарот кој бирократијата го наметнува на претпријатијата.

-Патоказот дава приказ на сегашната состојба со бирократскиот товар и нуди нацрт решенија и препораки за намалување на истиот, ссоопшти денеска  „Македонија 2025“.

На настанот присуствуваа претставници од деловните организации, државните институции и граѓанските организации и Владата, кои дадоа личен осврт на темата и корисни препораки за креаторите на политиките. Дополнително, на настанот се презентираа наодите и препораките, како и мислењето и искуството со цел финализирање на препораките насочени кон Владата. Во соопштението е наведено дека Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е директен корисник на наодите и препораките во име на Владата.

Пред присутните, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025“ го презентираше концептот и важноста на проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, истакнувајќи дека „Македонија 2025“ продолжува интензивно да работи на забрзување на растот и конкурентноста на македонските бизниси, и токму затоа сметаат дека преку овој проект ќе може да го препорачаат на носителите на политика да создадат бизнис опкружување кое ќе стимулира раст и развој на малите бизниси.

Сашо Клековски, стручен соработник и аналитичар кој ја подготви анализата, ги презентираше главните наоди и препораки до владините институции нагласувајќи дека државава е лидер меѓу земјите вклучени во истражувањето во смисла на најнизок бирократски товар, што е резултат на значајни позитивни реформи во минатото. Но, пристапувањето кон ЕУ може да доведе до зголемување на бирократијата.

Настанот е дел од проектот „Кон намалување на бирократскиот товар”, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот. По извршените консултации ќе биде изработен детален Акциски план за мерки и реформи кои ќе го намалат непотребниот административен товар за македонските претпријатија.

„Македонија 2025“, за овој проект, е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас.