Мајкрософт го цензурирал Кинезот што стои пред тенковите од 1989 година


„Мајкрософт“ тврди дека било „случајна човечка грешка“ тоа што неговиот  пребарувач Бинг одредено време не ја покажувал иконската фотографија на која се гледа Кинез како стои пред колоната тенкови во Авенијата на вечен мир на плоштадот Тјенанмен во Пекинг на 5 јуни 1989 година. Таа беше направен по бруталната акција на кинеските власти против демократските демонстранти и стана симбол на пркос низ целиот свет.Сите што се обиделе со опцијата пребарување „човек-тенк“ на годишнината од крвавата воена акција на плоштадот Тјенанмен не ја нашле фотографијата.

Корисниците во различни делови на светот, вклучувајќи ги и тие во САД, во петокот реагираа дека нема резултати од сликата кога се пребаруваат зборовите „човек-тенк“.Откако беа предупредени од новинарите, од „Мајкрософт“ неколку часа подоцна ја вратија фотографијата.

Компанијата не даде детали за тоа за каква  човечката грешка станува збор или како таа се случила. Ниту, пак,  колку од нејзиниот тим за развој се кадри од и во Кина. Најголемиот центар за истражување и развој на компанијата надвор од САД е во Кина, и во јануари таа објави работно место за инженер за софтвер со седиште во Кина за да води тим кој развива технологија што го поттикнува пребарувањето на слики во Бинг.

Кинеските власти бараат од пребарувачите, веб-страниците и платформите за социјални медиуми кои работат во земјата да ги цензурираат клучните зборови и резултатите кои се сметаат за политички чувствителни или критички настроени кон кинеската влада. Настаните од плоштадот Тјенанмен во 1989 година се блокирани во Кина, како и фотографиите во врска со настанот, како што е „човек-тенк“.

Microsoft’s Bing е еден од ретките меѓународни пребарувачи кои работат во Кина, каде што ги почитува локалните закони за цензура и се натпреварува со поголемите кинески пребарувачи како што се Baidu и Sogou.Бинг има 2,5 проценти удел на пазарот во Кина, според веб-страницата со податоци Statcounter.

Ривалскиот Гугл излезе од кинескиот пазар во 2010 година, по четири години работење, поради споровите околу цензурата и големиот хакерски напад за кој Гугл верува дека потекнува од Кина.