Локалните избори да се одржат на 31 октомври, ако се согласат партиите


Локанлните избори можно е да се одржат на 31 октомври, со цел да не се поклопат со Пописот, кој е закажан за септември, но за ова треба да се изјаснат сите политички партии.

– Предлогот е на 31 октомври да се одржат локалните избори, за да не се совпадне кампањата со Пописот. Сите политички партии треба да се изјаснат и ако се согласат, тоа ќе биде вградено во Изборниот законик – рече денеска премиерот Зоран Заев.

Според него, овие денови се разговара, се подготвува законско решение кое, меѓу другото, предвидува и градоначалниците и советите ги извршуваат функциите до изборот на новите.

Одговорајќи на новинарски прашања, Заев информира дека во однос на отворените листи, постигнат е договор со поголемите партии.

– Министерот Маричиќ ќе ги каже деталите. Меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса и Алтернатива има договор. Сега уште со малите партии. Не е тоа официјализирано зашто ќе биде официјално кога барателите, а тоа се малите политички партии, ќе бидат задоволни со ваквото унапредување на демократските модели. Се работи за отворени листи каде ќе се гласа – има една преференца. Предлогот е да има најмалку праг од три проценти. Кога би биле 16.000 избирачи, три отсто е околу 500. Тогаш, таа преференца ќе го качува кандидатот погоре на листата. Малите партии имаат резерва, викаат – ќе видиме дали е тоа фер и правично за нас. Сепак се помали, нивните гласови се дисперзирани, објасни Заев.

Но, треба да се види, дополни премиерот, дека се прави демократски исчекор.

– Го поздравувам тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прифати и еве со укажувањата кои ги дадоа, со една преференца, прв пат не мора да го комплицираме системот. Советникот што ќе биде со преференца плус гласан, ќе има директна обврска кон граѓаните, не само кон својата партија или коалиција. Тоа сметам дека ќе ја унапреди демократијата. Тука имаме исчекор и се надевам така ќе остане до крај. Вториот дел е за денот на изборите. Овие денови се разговара, се подготвува законско решение кое ќе номинира како во 2004 за 2005 година или во пролетта 2017 за есента 2017-та, дека градоначалниците и советите ги извршуваат функциите до изборот на новите зашто имаме причина за одложувањето на изборите, а тоа е пописот кој ќе биде во септември. Не сакаме кампањата да се совпадне со пописот. И секако, причината за одлагањето е пандемијата. Ако тоа не се промени со закон, изборите треба да бидат на 17-ти и ќе има совпаѓање на кампањата со пописот. Предлогот доминантно од партиите е 31 октомври, иако сите ќе се изјаснат. Ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, рече Заев.

Според него, за парламентарните избори може да се оди на ново унапредување на демократските модели на гласање.

– Се надевам дека ќе постигнеме консензус, важно е опозицијата да потврди дека е среќна за тој и тој датум за изборите, истакна Заев.