Линхарт: Бараме преговори за Македонија уште во декември
Оној којшто го исклучува Западниот Балкан, ја ослабнува Европа, рече австрискиот министер за надворешни работи, Михаел Линхарт, на заедничката прес конференција со неговиот македонски колега, Бујар Османи, во Скопје.
„Се заложуваме и ќе продолжиме да се заложуваме уште во декември да почнат преговорите, тоа е нашето барање. Тоа барање го поставуваме пред нашите партнери во ЕУ и тоа интензивно“, рече Линхарт.
Тој оцени дека започнувањето преговори во декември не е важно само за Северна Македонија и за Албанија, туку тоа може да има позитивни влијанија за целиот регион на Западен Балкан. Според него, се додека земјите од Западен Балкан не се членки на Европската Унија, се дотогаш ЕУ не го завршила интегрирањето и оти Западниот Балкан е дел од Европа.
Министерот Османи рече дека Австрија е еден од најсилните поддржувачи на европската перспектива на земјава и додаде дека декември сѐ уште останува добар прозорец за отпочнување на преговорите со ЕУ.
„Зборувавме за декември, како еден добар прозорец за можноста и потребата за концентрирање на целокупната домашна, регионална и европска енергија во правец на искористување на оваа можност којашто е многу важна, не само за нашата приказна, туку за кредибилитетот на европската иднина“, рече Османи.