Литванија ќе обучува 8-годишници да управуваат со дронови поради руската закана

Децата во Литванија ќе учат да градат и управуваат со дронови како дел од напорите на балтичката земја да го зајакне својот капацитет за справување со каква било идна закана од Русија. Владата планира да обучи повеќе од 22.000 луѓе, вклучувајќи деца на возраст од осум години, објавува „Гардијан“.
Во заедничка иницијатива помеѓу министерствата за одбрана и образование, владата во вторник објави дека сака да научи повеќе од 22.000 луѓе на вештини за летање со дронови како дел од напорите за „проширување на обуката за цивилен отпор“. Програмата ќе биде прилагодена на различни возрасни групи. Учениците од трето и четврто одделение, на возраст од осум до десет години, ќе учат да склопуваат и управуваат со едноставни дронови, додека средношколците ќе дизајнираат и произведуваат делови и ќе учат да управуваат со напредни модели.
Како и соседните Естонија и Латвија, Литванија, земја со 2,8 милиони луѓе што се граничи со руската енклава Калининград и Белорусија, е во состојба на висока готовност од почетокот на руската инвазија на Украина.
Перцепцијата за закана во балтичките држави беше засилена со вчерашното протерување на руски дипломат од Естонија. Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахна, рече дека причината е „постојано мешање“ во државните работи.
-Дотичниот дипломат бил директно и активно вклучен во поткопувањето на уставниот поредок и правниот систем на Естонија… Постојаното мешање на руската амбасада во внатрешните работи на Република Естонија мора да престане, рече Цахна.
Литванската влада планира да инвестира 3,3 милиони евра во специјализирана опрема, вклучувајќи дронови ФПВ за внатрешна и надворешна употреба, системи за контрола и видео пренос и мобилна апликација за обука.
Министерката за одбрана, Довиле Шакалиене, објави амбициозен план: „Планираме да обучиме 15.500 возрасни и 7.000 деца за вештини за контрола на дронови до 2028 година. Во септември ќе отвориме центри за контрола на дронови во Јонава, Таураге и Кедаинијаи, а до 2028 година ќе отвориме уште шест центри во други региони на Литванија.“
Обуката ќе ја спроведе Литванскиот сојуз на стрелци во соработка со Литванската агенција за неформално образование. Томас Годљаускас, заменик-министерот за одбрана, рече дека обуката ќе биде воннаставна активност што „ја зголемува техничката писменост“ кај децата.
-Најмладите учесници ќе се вклучат во едноставна конструкција и пилотирање на дронови преку игри и експерименти. Средношколците ќе ги научат основите на програмирањето додека пилотираат и конструираат дронови за внатрешна употреба, додека учениците од повисоките средни училишта ќе дизајнираат 3Д делови од дронови и ќе конструираат ФПВ дронови, рече тој.
Литванија го зголеми својот фокус на технологијата на дронови, особено по двата инциденти во јули, кога два дрона, за кои се верува дека се руски, преминаа од Белорусија на нејзина територија. Во Русија, обуката на деца за управување со дронови предизвика контроверзии по откритијата за наводно систематско вклучување на деца во дизајнирањето и тестирањето на технологијата преку видео игри