Лидерот на Баварија бара веднаш да се расчисити со Орбан


Трпението ги помина границите: Маркус Зодер

Маркус Зодер, лидер на партијата ЦСУ во Баварија и потенцијален кандидат за десница за канцелар на изборите во Германија оваа година, сака унгарската Фидес да биде исфрлена од Европската народна партија. Зодер за „Зидојче цајтунг“ изјави дека со најавата на Орбан дека планира „повторно да го изгради политичката десница“ без ЕПП, „Фидес се прости од ЕПП и нејзините христијанско-демократски вредности и темели“.

ЕПП сега мора „да повлече линија без огорченост: не смееме да ја продолжуваме суспензијата на неодредено време, туку да ги поделиме нашите патишта како партии“, рече Зодер. „Бескрајното одење напред и назад“ за членството на Фидес ѝ штети на ЕПП, рече Зодер и забележа: „Тоа е прашање на нашиот кредибилитет“.

Ова е голема промена во ЦСУ. Во 2018 година, претходникот на Зодер како шеф на партијата, германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, рече дека унгарскиот премиер дејствува „врз основа на владеењето на правото, без никакво сомневање“.