ЛДП бара средба на коалициските партнери по ветото и интервјуто на Заев


 ЛДП бара средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот за БГНЕС. По одржаниот состанок во партијата, ЛДП излезе и со други заклучоци:

– ЛДП се залага за решавање на сите отворени прашања преку отворен дијалог, врз основа на взаемно почитување, споделени вредности и презентација на потврдени факти;

– ЛДП инсистира на доследно почитување на ратификуваните меѓународни договори кои ги обврзуваат договорните страни, потсетувајќи дека сите постојни договори го потврдуваат несомненото постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура;

– ЛДП го осудува говорот на омраза, особено на неприфатливиот говор кој го негира самоидентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вклучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација;

– ЛДП ги поттикнува историчарите во поставените меѓудржавни комисии, но и генерално во регионот, на интензивна соработка во утврдувањето на неоспорните историски факти и за нивно преточување во заеднички историски наративи, следејќи го франко-германското искуство кои ќе водат кон приближување на народите, наместо да предизвикуваат чувства на пониженост и подреденост;

– ЛДП ќе продолжи да се залага со сите политички и законски средства за зацврстување на македонскиот културен, јазичен, национален и историски идентитет во земјата и во странство, истовремено грижејќи се за промоција на сите културни, јазични и етнички различности во нашата земја;

– ЛДП нема да ги коментира изјавите на дел од бугарските политичари до завршувањето на изборите, бидејќи нема намера да им помага во градењето на нивниот рејтинг заснован на шовинистичка и националистичка реторика.

-ЛДП ги повикува партнерите во ЕУ да ги изолираат овие националистички политики, а пријателите и државјаните на Бугарија на следните избори со својот глас масовно да ги поразат овие политичари.