Латвија им наложи на над 800 руски државјани да ја напуштат земјата


Латвиските власти за миграција наложија 841 руски државјанин да ја напуштат земјата до 13 октомври, согласно измените на законот што стапи во сила во 2022 година.

Веста ја објави синоќа латвиската државна телевизија, повикувајќи се на имиграциската служба.

Измените на имиграциските закони беа воведени како одговор на војната на Русија против Украина и значително ги заострија условите за престој на руски државјани.

Латвија има 1,9 милиони жители, од кои околу една четвртина се припадници на големата рускојазична заедница. Земјата има и директна граница со Русија.

За да продолжат легално да живеат во Латвија, руските државјани мора да аплицираат за постојан престој и да докажат дека го владеат летонскиот јазик на ниво доволно за секојдневна употреба. Тие, исто така, се предмет на безбедносна проверка.

Според податоците, со регулативите од 2022 опфатени се околу 25.000 луѓе, од кои 16.000 веќе добиле дозвола за постојан престој, а 1.000 привремена дозвола.

Оние што не успеале да добијат никаква дозвола мора да ја напуштат земјата.

Според властите, 2.600 лица веќе заминале доброволно, додека во десет случаи биле спроведени присилни депортации.