Лајен: Реформата на миграциската политика е огромен чекор за Европа


Реформата на миграциската политика е огромен чекор за Европа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Овој ден е навистина историски“, рече таа на прес-конференција во Брисел, поздравувајќи го фактот дека пактот за миграција конечно станува реалност.

Претходно денеска, нацрт-законот за миграција беше одобрен од Европскиот парламент. Тој беше поздравен од Берлин и Атина, а Варшава изрази несогласување.  Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави како неопходен историски чекор усвојувањето на миграциската реформа во ЕУ.

„Оваа реформа овозможува солидарност меѓу европските земји. Таа ја ограничува илегалната миграција и конечно им олеснува на земјите кои се особено погодени“, рече Шолц.

Во исто време, полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Полска нема да прифати механизам во ЕУ за преселување на имигрантите и покрај одобрувањето од Европскиот парламент за миграциската реформа во блокот.

Миграцискиот пакт усвоен претходно денеска од ЕП го реформира миграцискиот систем во Унијата со намалување на роковите на соодветните процедури за азил и зголемување на враќањето на мигрантите од Блискиот Исток и Африка на кои не им е одобрен азил во блокот.

„Усвоивме силна законска рамка за тоа како да се справиме со миграцијата и азилот во Европската унија. Се подготвуваше повеќе од 10 години, но ние го одржавме зборот. Баланс меѓу солидарноста и одговорноста. Ова е европскиот пат, изјави соопшти претседателката на ЕП, Роберта Мецола.

Претседателот на Комитетот за развој на ЕП, Томас Тобе изјави дека Европската унија „ќе ја врати контролата над надворешните граници, ќе ја намали економската миграција и ќе воспостави заедничка миграциска политика“, која, како што наведе, ќе функционира добро и ќе и одговара на Унијата на долг рок. 

Миграцијата повторно беше еден од водечките приоритети во дневниот ред на ЕУ.