Лагард изрази скептицизам во врска со дигиталната валута деноминирана во евра


Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во петокот изрази скептицизам во врска со потребата од дигитални валути деноминирани во евра, предупредувајќи дека „стабилната валута“ (stablecoin) поврзана со еврото би можела да ја наруши работата на ЕЦБ и да ги влоши можните финансиски превирања.

Голем број големи банки од еврозоната, вклучувајќи ја и „Сосиете Женерал“, веќе некое време работат на воспоставување крипто средства поврзани со еврото, обидувајќи се да се пробијат на пазарот доминиран од американскиот долар, во потег за кој некои веруваат дека би можел да ја зголеми привлечноста на заедничката валута на Европа.

Но, Лагард рече дека доказите во корист на „стабилните валути“ деноминирани во евра се „многу послаби отколку што изгледаат“ бидејќи таквите валути се изложени на наплив од инвеститори за време на пазарните превирања и ја ослабуваат способноста на ЕЦБ да ги достигне сите делови од економијата со своите одлуки за каматните стапки.

„Овие компромиси ги надминуваат краткорочните придобивки што стабилните валути деноминирани во евра би можеле да ги донесат за условите за финансирање и меѓународниот дострел“, рече шефицата на ЕЦБ во говор во Шпанија.

„Ако сакаме да ја зајакнеме меѓународната привлечност на еврото, дигиталните валути не се најефикасниот начин за постигнување на таа цел“, нагласи Лагард.

Таа го наведе падот на вредноста на USD Coin за време на колапсот на Silicon Valley Bank како пример за ризикот, истакнувајќи дека истражувањето на ЕЦБ покажало дека размената на депозити во голем обем за дигитални валути може да го ослаби корпоративното кредитирање и преносот на монетарната политика.

Лагард ги гледа токенизираните депозити во комерцијалните банки како подобра опција, за кои верува дека се побезбедни од „стабилните монети“, но можат да се пренесат и преку блокчејн.

Со своите коментари, Лагард зазеде став спротивен на Европската комисија и владите на земјите-членки, вклучително и француската влада, кои ја гледаат стабилната монета деноминирана во евра како алатка за зајакнување на меѓународниот статус на еврото.

Според европските регулативи, издавачите на стабилни монети мора да чуваат најмалку 30 проценти од своите резерви на средства во банкарски депозити, додека остатокот мора да се состои од нискоризични и високоликвидни финансиски инструменти, како што се државните обврзници.

Во интервју за Ројтерс оваа недела, членот на одборот на Бундесбанк, Мајкл Терер, рече дека токенизираните депозити и „стабилните валути“ (stablecoin) се подеднакво „клучни“, признавајќи ги ризиците поврзани со дигиталната валута.