„Кроација рекордс“: Влатко Стефановски со прво блу-реј издание од Македонија


Фото: Б. Грданоски

Албумот во живо на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, снимен во Загреб, на концертното претставување на албумот „Мајчин јазик“, ќе биде објавен како компакт-диск и блу-реј издание.

„Тоа ќе биде прво блу-реј издание на некој изведувач од Македонија. Прво, најпрво“, ни изјави ексклузивно за „Независен весник“ Иван Бечковиќ, супервизор во „Кроација рекордс“ за Македонија.

Првиот акустичен албум во неговата кариера, 33. по ред, Стефановски го објави во ноември во 2017 година. Веднаш по издавањето се здоби со неподелени позитивни критики од балканските музички критичари и медиуми.

Во Скопје го промовираше во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје, со специјалните гости – балканската етнодива Билјана Крстиќ и членовите на етногрупата „Љубојна“, Вера Милошевска и Оливер Јосифовски, а потоа и во Белград, Љубљана и во Виена.

„Мајчин јазик“ излезе три години по неговиот последен албум „Сеир“, но за разлика од тој, новиов содржи десет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“.

– Идејата за ваков албум датира уште пред дваесетина години, но никогаш не доаѓаше ред да се реализира тоа. Сега дојде моментот за тоа. Ова практично претставува едно мое мало интимно парче музика. Песните на албумот не се преработка на македонскиот фолклор, како што многумина милуваат да кажат, туку јас им давам мој ракопис односно потпис на веќе познатите песни од македонската културна и музичка традиција – изјави тогаш Стефановски на прес-конференцијата во Скопје.

Меѓу песните на албумот „Мајчин јазик“ се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и на Есма Теодосиевски. Како бонус-песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.

– Албумот го насловив „Мајчин јазик“ затоа што оваа музика за мене е мајчин јазик. Тоа не е во контекст на текстуалниот или вокалниот дел, туку на музичкиот. Во последно време сè повеќе се насочувам кон тоа што најдобро го знам, а тоа е свирењето. Но за да се сними ваков албум, потребно е да ја имате вистинската енергија, односно што би се рекло народски, да се погоди моментот – изјави Стефановски.

Тој потврди дека голем дел од материјалот е снимен од прва, без да се прават неколку пробни верзии и свирења на темите. Исто така Стефановски рече дека албумот е снимен во еден минималистички манир со само еден микрофон и без премногу дополнителни технолошки помагала.

Албумот „Мајчин јазик“, имаше и интересна обвивка на албумот, на која се наоѓа фотографија од неговата мајка Нада, во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој која датира од доцните 1940-ти. (Л.С.)