Кризата ја опустоши Старата чаршија во Битола и го покори Широк Сокак

Ни големото намалување на кириите не беше поттик некои од дуќаните во Битолската чаршија повторно да се отворат (Фото: А. Блажевска)

Во Старата чаршија се бројат дуќаните кои останаа да работат, а не оние што се затворени. Широк Сокак е на стаклени нозе, единствено угостителите некако преживуваат. Затворената граница со Грција е главна причина за кризата

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Најтешките денови ги живее Битолската стара чаршија, а ковид кризата го покори и Широк Сокак.

Нема уличка во Старата битолска чаршија што нема затворени дуќани, или како што велат дуќанџиите, не треба да се бројат затворените дуќани, туку тие што останаа да работат, бидејќи бројката на катанците на вратите е тројно поголема.

На стаклени нозе е и Широк Сокак, и таму почнаа да се затвораат дуќани, иако најголемата шетачка зона на Битола до пред кризата беше најатрактивна за трговија и угостителство, а кириите за дуќаните пораснаа и до 5 илјади евра за еден месец, како оние во европските центри.

Дуќанџиите не кријат дека дневниот промет го собираа во најголем дел од грчките пазарџии кои катадневно беа во Битола, по бутиците и на Градскиот зелен пазар, по месарниците и стоматолошките ординации, по казината и кафеаните. Грчките пазарџии ги нема, па и оние што останаа да работат едвај крпат ден за ден.

„Бидејки имам сопствен дуќан ми олеснува што немам давачката за наем, но претходно работев со кондиторски производи-бонбони. За пет месеци ставив клуч на врата, немаше свадби, родендени, крштевки и ми пропадна бизнисот. Претрпев голема загуба. Морав да направам нов почеток за да продолжам да работам да функционира дуќанот. Како човек фирма немавме помош за кредити, не исполнувавме услови, поволно беше за фирми со голем капитал, освен што постоеше помош да земам плата“, вели Павлина Василевска, сопственик на објект во Старата битолска чаршија.

 

Бројот на затворените дуќани во Битолската чаршија е тројно поголем од оние што се отворени (Фото: А Блажевска)

Нејзината продавница за облека за бебе е на улицата „Александар Турунџев“, а само околу неа се затворени десеттина дуќани.

„Состојбата е алармантна, има многу дуќани празни, паднати се цените на кириите, па може да се закупи дуќан и за 5.000 денари месечно. Мојата улица стана помалку атрактивна бидејќи има десетина затворени дуќани, па муштериите не доаѓаат наваму. Падна куповната моќ на граѓаните и ние трговците размислуваме за намалување на трошоците“, додава Василевска.

Од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од Битола велат дека во градот стопанисуваат со околу 400 дуќани, од нив 150 се празни.

„Околу 250 објекти работат, има мало намалување, односно откажување на дуќаните поради ситуацијата, но најголем дел од дуќаните се празни пред кризата по различни основи. Околу наплатата заради актуелната ситуацијата дуќанџиите бараат намалување на кириите и субвенции од Владата во тој дел“,  вели Никола Поповски, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од Битола.

Намален промет празни тезги и дуќани има и на Градскиот зелен пазар и Новиот реонски пазар во Битола. И таму драстично е намалена фреквенцијата на купувачи.

„Од средината на март, април и мај тие што продаваа текстил, бижутерија, железарија и цвеќе воопшто не отворија. Вистинските земјоделци, производители не доаѓаа на пазар, туку само трговците на јужно овошје и зеленчук. Целата ситуација драстично се одрази на работењето на ЈП ‘Пазари’, бидејќи пазарот ни е основна дејност, па како и сите пазаришта и ние се соочуваме со загуби. Приливот на средства е далеку понизок од лани и од  минатите години“, изјави Владе Атанасовски, директор на ЈП „Пазари“ Битола.

И на Широк Сокак и околните улици во центарот на Битола ситуацијата е загрижувачка. Некои сопственици на дуќани ги намалија месечните кирии за да им излезат во пресрет на закупувачите, а имаше и такви кои за време на вонредната состојба не им наплатија закупнина за дуќаните.

На Широк Сокак некаква работа има за кафетериите, но во бутиците едвај човек да влезе во денот (Фото: А. Блажевска)

„Од плоштадот ‘Магнолија’ до Градското шеталиште неколку дуќани зјаат празни, што работеа до пред некоја недела, а да не ги броиме оние во уличките одоколу. Во цел овој очај работа има минимално за угостителите, односно за кафетериите, а во бутиците едвај човек да влезе денот, па се случува попладне да направиме сефте, или да затвориме без денар промет. Едноставно кризата не руши како чаршија“, се пожали Софија Крстева вработена во бутик на Широк Сокак.

Од локалната власт во Битола велат дека кризата ја чувствуваат во полнењето на буџетот и подмирувањето на обврските на фирмите кон општината.

Од таму потенцираат дека покрај владините економски мерки во рамките на законските можности на битолските стопанственици во време на корона кризата им се помага во делот на плаќањето на давачки и такси кон општината.

„Ова е време во кое сите преживуваме и факт е дека не можеме да споредуваме заработувачки со други изминати години. Тоа се чувствува секаде, па вклучително и во буџетот. Ова е период кој што треба заедно да го пребродиме. Еве за време на вонредната состојба нула денари беа давачките кон општината од страна на угостителите, а потоа од 15 денари беа намалени на 5 денари за метар квадратен давачките за поставување на урбана опрема на Широк Сокак за просторот пред локалите. Тоа значи дека 3,5 милиони денари останаа кај угостителите, таа е помош што Општина Битола им ја овозможи, а презедовме и други мерки“, вели градоначалничката на Битола Наташа Петровска. Одлуката за намалената давачка за урбаната опрема важи до 15 ноември.

Според Петровска, сепак кризата различно влијаела во различни сектори. Во овој дел го издвојува градежниот сектор, кој и покрај пандемијата не застанал со работа.

„Градежните активности во Битола не се застанати во овој период. Напротив имавме сериозна експанзија, се гради Стадионот, Офицерски, се градат улици, базенот… Пред да се изврши ребалансот на буџетот јас кажав дека имаме реализирано градежни активности од 1 милион евра, а таа бројка сега е повисока. Ова покажува дека градежните активности во општината им овозможиле на фирмите да имаат заработувачка. Значи не се застанати со работа. Во другите сектори сликата е поинаква“, вели Петровска.