Кожарците треба да работат четири години за да ја заработат годишната плата на програмер


Вработените во кожарската индустрија треба да работат четири години за да ги заработат просечните годишни примања на еден програмер, покажуваат најновите статистички показатели за исплатената нето-плата во декември лани и за цела 2019 година. Така, просечната месечна плата во 2019 година во дејноста производство на кожа и слични производи од кожа била 14.833 денари, а кај компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изнесувала 60.401 денари. Полошо од кожарците стојат единствено вработените во заштитните и истражните дејности кои лани во просек заработувале по 13.980 денари месечно.

Тоа значи дека годишната заработка на еден програмер од нето-платата лани во просек била по 724.812 денари или околу 11.785 евра. Тие, според податоците на Државниот завод за статистика, имале и највисоки плати – во декември достигнале 68.255 денари. На второ место според просечната нето-плата во текот на 2019 година биле вработените во дејноста воздухопловство и транспорт, со по 50.559 денари месечно или вкупно за 2019 година заработиле нето по 606.708 денари или околу 9.865 евра, потоа вработените во фармацевтската индустрија со просечна месечна нето-плата од 45.380 денари (вкупно годишно 544.560 денари или 8.854 евра) и во финансиските услужни дејности, освен осигурувањето и пензиските фондови, кои лани во просек месечно примале по 44.268 денари или за цела година вкупно по 531.2016 денари или 8.637 евра.

На долниот крај на скалата на примањата се вработените во заштитните и истражните дејности кои лани вкупно од нето-платата заработиле по 167.760 денари или 2.727 евра. Малку повеќе заработиле кожарците, чии годишни примања од нето-платата во просек биле по 2.894 евра. Тоа значи дека вработените во овие две дејности за да ја достигнат едногодишната заработка од нето платата на програмерите ќе треба да работат нешто повеќе од четири години.

Во подобра состојба не се многу ниту вработените во дејноста рибарство и аквакултура, каде што просечната месечна нето плата лани била 15.409 денари и во услугите поврзани со одржување на зградите и на животната средина, каде што просечната месечна нето плата лани била 15.511 денари.

Инаку, според Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2019 година, изнесуваше 26.836 денари. Таа во однос на декември 2018 година е повисока за 4,1 отсто, што се должи најмногу на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите транспорт и складирање (12,4 отсто), објекти за сместување и сервисни дејности со храна (12 отсто) и градежништво (11,9 отсто). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите стручни, научни и технички дејности (9,3  отсто), информации и комуникации (8,4 отсто) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (6,8 отсто).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во декември 2019 година, изнесуваше 39.932 денари, соопшти Државниот завод за статистика. (Н.В.)