Ковачевски ќе оди на Генералното собрание на ОН

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во придружба на сопругата, од 19 до 24 септември ќе ја предводи владината делегација која ќе учествува на Генералната дебата на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во состав на владината делегација се министерот за надворешни работи Бујар Османи, постојаниот претставник на Македонија во ОН, Љубомир Фрчкоски, како и советникот за надворешни работи Едмонд Адеми.
Ковачевски ќе се обрати на главната дебата на Генералното собрание на ОН на тема „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“. Тој ќе ќе се обрати на Самитот за трансформација на образованието под покровителство на генералниот секретар на ОН Гутереш и УНЕСКО.
За време на посетата на Њујорк, премиерот ќе одржи предавање на Универзитетот Колумбија, каде ќе даде осврт на уникатниот модел на одржлива демократија на Македонија, како и економската интеграција и трансформација на земјата.
Во рамките на Генералното собрание на ООН премиерот Ковачевски е поканет и ќе присуствува на приеми кај претседателот на САД Џо Бајден и кај градоначалникот на Њујорк Ерик Адам.
Премиерот при работната посета на САД ќе оствари повеќе билатерални средби, како и средби и со истакнати македонски личности кои работат и живеат во Њујорк.