Ковачевски на скринингот во Брисел: ЕУ е нашиот најголем економски партнер

По завршувањето на процесот на скриниг следуваат и патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер


 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати и ја отвори последната сесија од скрининг процесот на Северна Македонија, посветена на Кластер 6 кој ги опфаќа: поглавјето 30 – надворешни односи и поглавјето 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика.

На сесијата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија како и претставници од сите други релевантни национални институции.

Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.  

Ова поглавје исто така ги вклучува и правилата на ЕУ во полето на хуманитарна помош и развојна политика. Ковачевски во своето излагање истакна дека Северна Македонија нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ.

„Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки“, рече тој.

Во поглавјето 30 опфатени се неколку клучни области, како мултилатерална и билатерална рамка на заедничката трговска политика, трговски специфични правила, договори за оцена на сообразност, инструменти за трговска одбрана, инструменти за надворешна политика, како и како развојна политика и хуманитарна помош. Ковачевски истакна дека Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171%.

„Изгледите за надворешна трговија на Северна Македонија се мошне поврзани и тоа се’ повеќе со Европската Унија, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер.  Трговијата со ЕУ достигна 60% од вкупната трговија изминатата година и 86% од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа.  Остатокот од 14% трговија без никакви преференции.  Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година“, рече премиерот.

„Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ. Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион“, рече Ковачевски.

 

Говорејќи за усогласување на законската регулатива на Македонија со законодавството на ЕУ кое е обврзувачко за транспонирање во националното законодавство, премиерот истакна дека веќе се работи на измени и нова реулатива во неколку области.

„Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба. Двата предлог-закони се очекува да влезат во сила до крајот на 2024 година. Понатаму, Министерството за надворешни работи усогласувајќи се со хуманитарната политика подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година. Овој закон предвидува многу важни чекори за изработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година“,рече Ковачевски.

Со затворањето на овие поглавја скрининг процесот за Република Северна Македонија ќе биде официјално завршен.Процесот на скрининг започна на 15 септември 2022 и се одвиваше успешно и според утврдената динамика. Досега се одржани објаснувачки и билатерални состаноци, за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери.

Во овој период од 15 месеци и речиси 100 работни денови во Брисел, беа одржани 850 презентации, а во процесот учествуваа 206 различни институции и приближно 1.000 учесници. Успешноста и навременоста на процесит е потврдена со извештајот на Европската комисија која констатираше дека имаме солидно ниво на усогласеност.

По завршувањето на процесот на скриниг следуваат и патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, а тие се услов за отворање на првиот кластер. Тоа се патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акцискиот план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците.