Ковачевски е нов лидер на СДСМ, Ременски незадоволна од излезноста

Димитар Ковачевски е новиот лидер на СДСМ.На денешните внатрепартиски избори гласале вкупно 78,5 отсто од активните членови на партијата. Toj освои убедливо мнозинство , односно oд вкупно 44.406 членови што излегле на гласање, за Ковачевски заокружиле 37.649. За разлика од него, Фросина Ременски, која е поранешна потпретседателка на партијата, освои 2.836, а за Јован Деспотовски, актуелниот в.д директор на Дирекцијата ТИРЗ, гласале 3.319 сопартијци. Неважечки биле 602 ливчиња.
Ковачевски е актуелен заменик-министер за финансии. На премиерот Зоран Заев му беше фаворит за негов наследник. Новиот лидер на СДСМ, а веројатно и премиер, има долгогодишен стаж во партијата.
-Денес е голем ден за демократијата. Сакам да ви се заблагодарам што гласавте за нов лидер на партијата. Што гласавте за мене, што ми дадовте поддршка, рече Ковачевски, новиот претседател на СДСМ.
Тој им се заблагодари и на двајцата противкандидати, Фросина Ременски и Јован Деспотовски.
-Вчерва СДСМ одржа уште една лекција од демократијата, но од утре мораме да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството, рече новиот лидер.
Потоа му се заблагодари на досегашниот претседател на СДСМ.
-Дозволете ми да му се заблагодарам на досегашниот претседател Зоран Заев. Со неговата храбрсот сите не мотивираше и инспирираше. Заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски, ја внесе државата во НАТО, и на чекор до ЕУ. Не научи што е лидерство и партиско другарство, рече Ковачевски.
Претходно портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска изјави дека во овој момент не се потребни предвремени парламентарни избори во државава и дека е стабилно парламентарното мнозинство.
-Она што ќе следува е реизбор на владата, но нема потреба од предвремени парламентарни избори бидејќи парламентарното мнозинство е стабилно, изјави Кузеска пред најавената прес конференција на која партијата ќе ги соопшти резултатите од денешниот избор на нов лидер на СДСМ.
Ковачевски пред неколку дена, кога ја побара поддршката од членството изјави дека има визија и план како партијата повторно да се врати на победничките патеки.
Тој порача дека работите мора да се менуваат и токму тоа го покажале последните избори, па затоа тој го повикува членството да се обедини за промените кои членовите, но и граѓаните, ги очекуваат.
„Како иден претседател на СДСМ, моја цел ќе биде да ја подобриме комуникацијата со членството и да дадеме фер шанса на секој кој умее и сака да работи за граѓаните. СДСМ ќе биде препознаен преку чесни, посветени и ангажирани луѓе, а посветеноста и одговорноста на секој ќе биде единствено мерило за напредок. Партиските тела ќе ги зајакнеме и активираме на многу повисоко ниво. Месните одбори и комисиите ќе бидат основни тела за креирање и евалуирање на политиките на партијата“, вели Ковачевски во видео обраќањето до јавноста.
Ковачевски смета дека граѓаните мора да ја вратат довербата во државата и затоа Владата мора да ги исполни нивните очекувања кои се однесуваат на поголема ефикасност во владеењето и исполнување на ветувањата. Клучот за ова според него е поставување на вистински луѓе на вистински позиции, како и воспоставување на систем во кој секој ќе биде одговорен за своите задачи.
„СДСМ го има најдобриот кадровски потенцијал и ќе го искористиме. Потребен е поголем фокус на реалните потреби на граѓаните, на оние проблеми кои им тежат на луѓето. Во моментов е тоа економијата и животниот стандард. Да се фокусираме на решенија и многу повеќе на локално и на централно ниво да зборуваме за овие проблеми. Исто така потребно е одговорно владеење и недвосмислена борба со криминалот и корупцијата. Не се доволни успешни реформи на судскиот систем и добри закони; граѓаните сакаат да видат дека сите ние како политичари со личен пример и во пракса го спроведуваме тоа. За ова не смее да има компромис“, вели Ковачевски.
Противкандидатката Фросина Ременски, пак, по изборите дека воопшто не беше задоволна од излезноста на членството, оценувајќи дека тоа е можеби многу поважно од резултатот на изборите.Според неа, сите од партијата ќе треба да се обединат околу тој што ќе победи.
-Од она што го слушам и од Централната изборната комисија, воопшто не сум задоволна од излезноста на нашето членство. Тоа е сериозно прашање за една внатрепартиска дискусија во однос на она што го очекуваме и како исход и како резултат. Можеби не се толку важни резултатите, како прашањето зошто нашето членство одлучи да не излезе на изборите. Имам забелешки и ќе ги кажам. Мислам дека токму од тие прашања треба да тргне недекларативната залоожба за обединување. Верувам и знам дека предноста секако ја имаше Ковачевски. Ќе ги слушнам резултатите, ќе му подадам рака и ќе му посакам се најдобро, ќе му порачам да се погрижи многу повеќе за она што значи партиска работа, обединување на партијата. Се надевам дека после вакви резултати ќе може да направи многу повеќе и можеби ќе се отвори онаа дискусија во партијата дали е возможно премиер и претседател на партија да менаџира вака сериозни процеси, истакна Ременски.
Таа додаде дека била една од ретките во партијата која повикувала на обединување.
-И не лицитирав со ништо кој, зошто и поради кои причини треба или не треба да биде вклучен и имам сериозни аргументи зошто тоа вечерва ќе го истакнам пред Централната изборна комисија и ќе ги посочам пунктивите од каде што треба да тргне обединувањето. Ја сум фер играч, мојата идеја за кандидирање на овие избори и како цели ги постигнав зашто претпоставувам ќе излезат на површинанекои прашања кои ќе и помогнат на партијата да ги надмине предизвиците пред кои е исправена, рече Ременски.