Короната прави хаос на Вимблдон – се разболе и Матео Беретини


 

Короната не е замината, ниту е потисната.

Денеска дојде уште една шокантна вест поврзана со короната на Вимблодон: од Ковид-19 се разболе еден од главните фаворити за титулата, Италијанецот Матео Беретини. Италијанецот требаше да излезе на теренот околу 14 часот на мечот од првото коло против Кристијан Гарин. Неколку часа претходно се огласи на социјалните мрежи каде објави дека се повлекува од турнирот.

„Со жалење соопштувам дека морам да се повлечам од Вимблдон поради позитивен тест на корона вирусот“, напиша Беретини.

„Имав симптоми на грип и последните денови сум во изолација. Иако симптомите не се тешки, решив дека е важно да се тестирам утрово, за да го заштитам здравјето на сите останати кои се дел од турнирот. Не можам да опишам колку сум разочаран. Сонот за оваа година заврши, но ќе се вратам посилен“, тажно соопшти Матео Беретини, кој лани играше во финалето против Новак Ѓоковиќ.

Вчера и Хрватот Марин Чилиќ соопшти дека се разболел од корона, а тој беше кандидат да оди барем до четвртфиналето, каде според очекувањата требаше да се сретне со Рафаел Надал.

И Надал и Ѓоковиќ сега се во опасност да бидат префрлени во изолација, затоа што и двајцата тренираа пред почетокот на турнирот со Хрватот и Италијанецот. Ѓоковиќ со Чилиќ, а Надал со Беретини.

Организаторите на турнирот соопштија дека ја следат ситуацијата и ги преземаат сите мерки за можна изолација на сите оние тенисери кои биле во контакт со заразените Чилиќ и Беретини.