Корона вирусот ќе ја засили себичноста – интервју со Ило Трајковски


Себичноста на нациите станува патриотска парола. Така е и со луѓето во овие драматични времиња. И во Европа, но и овде, во Македонија. Ковид-19 ќе има силни последици врз однесувањето на луѓето, вели социологот Ило Трајковски

 

Мирче Јовановски

 

Досега пандемијата со корона вирусот се анализира од здравствен аспект, подготвеноста на здравството да се справи со неа, како и од аспект на економските последици.  Како социолог, како гледате на последиците што ќе ги остави Ковид-19?

Епидемиите, оваа и претходните, се општествени реакции на биомедицински фактори. Во конкретниов случај таков фактор е избивањето и проширувањето на лесно заразниот вирус Ковид-19 кој го носи и ризикот од смрт. Досегашната реакција на луѓето на овој нов вирус кај нас и во светот го следи моделот кој е добро опишан во досегашните проучувања на колективните однесувања наречени епидемија и пандемија. Сите мерки кои се преземаат досега и во најголем број земји се имитација на моделот првично развиен во Вухан, Кина. Најважните мерки на тој модел, како што се мерките за социјално дистанцирање, самоизолација, за карантин, затворање на јавните институции и забрана на собирањата имаат силна социолошка, односно општествена димензија – сите доведуваат до нарушување на востановениот општествен поредок, на мирот и спокојството на луѓето. Тоа покрај здравствените и економските има и социолошки последици – последици по општествениот живот на луѓето. Тоа доведува до нивна сѐ поголема изолираност и осаменост. Тие последици ќе бидат поголеми колку е подолга примената на споменатите мерки со кои се менува востановениот општествен поредок. Ќе се препознаат како пораст на менталните проблеми и болести. Пораст на прераната смртност, на стапките на самоубиства и други.

Дали пандемијата ќе придонесе за поголема солидарност и емпатија меѓу луѓето. Дали ќе нѐ направи да бидеме подобри личности, или, како во војните (да го парафразираме Горан Бреговиќ) на површина кај некои ќе го извади најлошото, а кај други најдоброто во човекот?

Мислам дека Бреговиќ е во право. Општествените околности во кои живееме продуцираат противречни и спротивставени стилови на живот, животни психологии и филозофии. Не мислам само од најново време, туку многу одамна. Кај некои кругови ќе преовлада тенденцијата за поголема солидарност во дадените околности, а кај други дополнително ќе зајакне тенденцијата кон себично, општествено неодговорно и предаторско однесување. Едни ќе помагаат други ќе се богатат, на пример со покажување на цените на бараните производи и ќе остваруваат еден вид „воен профит“.

Колку стравот и психозата што се вовлекува кај луѓето ќе ги промени нивните животи?

Само ќе ги зацврсти веќе постојните стравови и психози. Тие се присутни во сите фази на епидемијата: најпрво, во фазата на страв – непознатиците кои ги донесува новиот вирус предизвикуваат несигурност и загрозеност. Потоа чисто махинално луѓето реагираат со морално осудување и стигматизација на други луѓе кои се прогласуваат за виновници за избивањето на заразата. Во сегашниот случај на епидемија морализицијата и стигматизацијата беа насочени кон Кина и Кинезите, кон нивните начини на исхрана и сл. Ваквата панична колективна психа резултира со избор на многу милитаристички мерки за справување со предизвикот. Се зборува за војна, за уништување на вирусот, за масивна и решителна акција и слично.

Дали ќе станеме поодговорни кон себе, кон блиските, кон животната средина, или ова е само една преодна епизода, која откако ќе помине пандемијата брзо ќе ја заборавиме и ќе се вратиме на старите навики, како што е трката за профит, на зголемување на нееднаквоста…?

Трката за профит доби карактер на речиси најприродна движечка сила на однесувањето на мнозинството луѓе. Таа има силни и длабоки корени во новоформиранито вредносен систем кој се воспостави во периодот на транзицијата. Тој нема да се промени. Единствено што може да очекуваме е подигање на одредени бариери пред индивидуалниот егоизам и себичност. Гледате какви се реакциите во светот. Себичноста на нациите станува патриотска парола.

Однесувањето на политичарите во вакви ситуации кога општеството е во целосен грч и на работ на паника е од исклучително значење. Дали нашите политичари ја одиграа улогата на смирувачи на тензијата или и тука сакаат да ќарат некаков политички поен.

Да, тие настојуваат да ќарат некој политички поен. Профитерскита мотивација за која зборувавме погоре и кај нив е главна придвижувачка сила. Сепак, забележав дека многу изјави на вообичаено силно спротивставените  политички структури се совпаѓаат во вска со последиците од епидемијата, но и со мерките кои ги преземаат властите. Опозицијата, на пример, покажува позитивен однос кон преземените мерки и ги почитува и повикува на нивно почитување, но не како мерки на власта, туку како мерки препорачани до Светската здравствена организација.

Министерот за здравство, Венко Филипче, е главниот претставник на државата во комуникацијата со граѓаните во оваа кризна ситуација. Од социолошки аспект дали неговото одмерено и мирно објавување на фактите делува смирувачки на популацијата.

Да, мислам дека има такви ефекти неговиот стил на водење на работите и секако, досега задоволителните резултати. Како ќе биде перципиран понатаму зависи од развојот на епидемијата

Младите, особено децата, главно седат дома. Веројатно најголемиот дел од нив се со компјутерите и мобилните телефони. Колку тоа може да влијае врз нивните работни навики кога не се на училиште, немаат никакви обврски, а речиси и не можат да излегуваат и да се дружат.

Младите беа со компјутерите, мобилните телефони и досега. До промена на нивните работни навики може да дојде ако ова трае подолго. Но може да се стекнат и позитивни искуства како, на пример, учењето онлајн и други.

Дали пандемијата со корона вирусот значи крај на глобализацијата како што ја знаеме и на поврзаноста во таканаречените глобалните синџири на снабдување? Дали светот ќе биде принуден да најде нови модели на развој?

Не. Глобализиацијата е тука за да остане. Светот во последните два века постојано се интегрираше, глобализираше. И тој не може поинаку да функционира, не само економски, туку и политички, културно и општествено. Но можно е да е очекува зајакнување на државните пречки пред сегашната дива, нерегулирана глобализиација водена од силите на неолиберализмот. Најголем број земји посегнаа по габаритни државни мерки. Тоа доведува до повторно јакнење на општествената улога на државата, а тоа пак, од своја страна, ќе има одредено ограничувачко влијание врз глобализациските процеси.

Секоја земја слично се справува со пандемијата, веројатно според препораките на СЗО. Затворањето на цели држави изгледа поедноставно во авторитарни режими, додека тоа може да биде покомплицирано во демократии поради почитувањето на човековите права. Може ли да има некаков модел за сите или тоа зависи од општествените традиции во поединечна земја.

Мислам дека не може да има еден единствен модел. И добро е што е така. Па дури и препораките на СЗО не се унисони – во смисла да форсираат само еден модел. Но факт е дека најприсутен е етатистичкиот и авторитарен модел на здравствена политика. И тоа е добро бидејќи предизвикот е премногу голем за со него да може да се справиме на индивиудално или на микро групно ниво. Вирусот не признава државни граници. Тој  нив ги препознава, пред некои подзабавува, пред други прерипнува, но во однос на сите тој е надмоќен. И затоа е стравот.  До скоро САД и Британија, па донекаде и Кореа, се принатежнуваа кон еден подемократски модел на справување о епидемијата. Но последните мерки покажуваат дека и тие се свртуваат кон моќта на централизираната антиепидемиска политика. Факт е дека авторитарните структури се поефективни на краток рок. Но, во тоа има голем број ризици во однос на човековите права и слободи како што се правото на слобода на движењето, на приватност на здрав живот и сл.